Управниот одбор на Здружението на судиите на Северна Македонија на денешната телефонска седница расправајќи за новонастанатата ситуација во Апелационен суд Скопје, а по повод конкретна судска одлука, во потполност го поддржува ставот на овој суд изразен од страна на колегиумот на судиите, објавен на веб страната на Апелационен суд Скопје, се вели во реакцијата на Здружението на судии.
Воедно Управниот одбор на Здружението на судиите повикува на воздржаност и професионално однесување на сите чинители на правосудниот систем и пошироко, со цел да се даде шанса на правната држава и владеењето на правото.
Во тој контекст, Управниот одбор на Здружението на судиите најостро ги осудува нападите врз судството и судиите од било која страна и смета дека тие претставуваат директен притисок врз независноста и самостојноста при одлучувањето и правораздавањето.
Како што Плусинфо денеска веќе објави, Апелацискиот суд во Скопје денеска на колегум расправал по најавите на јавната обвинителка Вилма Рускоска дека ќе покрене финансиска истрага против судиите кои вчера донесоа одлука со која ја пуштија во куќен притвор поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, обвинета во случајот „Рекет“.
Колегиумот, како што се вели во соопштението од Апелација, смета дека искажаните сомневања на Рускоска „се паушални, неосновани и грубо мешање во работата на судот“.