Министерството за здравство демантира дека ќе се плаќа партиципација за преглед и лабораторија на пациентите на Онкологија.
„Во Програмата за партиципација при користење на здравствена заштита на одделни заболувања на граѓаните и здравствена заштита на родилките и доенчињата во Република Македонија за 2018 година е наведено дека програмата опфаќа лекување на малигните болести со хируршки третман, зрачење и апликација на хемиотерапија (цитостатици). Видот и начинот на третманот зависи од природата и стадиумот на болеста.
Со оваа програма се обезбедуваат средства за партиципација за осигурените лица, а осигурените лица правата од здравствената заштита ги остваруваат врз основа на своето здравствено осигурување.
Според оваа програма, за сѐ што е поврзано со малигни болести не треба да се наплаќа партиципација. Лекувањето на карциномите опфаќа покрај хируршки третман, зрачење и апликација на хемиотерапија, следење на болеста, периодични прегледи и лаборатории.
Иако во оваа програма јасно не е наведено дека партиципацијата за прегледи, лабораторија и пункции нема да се наплаќа, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување цврсто го потврдуваат ставот дека целиот тек на следење и лекување на малигните болести се ослободува од партиципација.
Дополнително, како Влада на Република Македонија работиме и на ослободување од партиципација и за други категории на осигуреници“, се наведува во реакцијата од Здравство.