Здравствениот систем на патот кон европските стандарди, пациентите сè уште со големи очекувања

Меѓу позначајните активности беше примената на современи методи во јавните здравствени установи за кои досега пациентите одеа во медицинските центри во странство, успешно се извршени неколку кадаверични трансплантации, а во континуитет се вршат и трансплантации на бубрези од жив донор, извршена е прва несродна трансплантација кај 13-годишно момче со апластична анемија, лекот „спинраза“,најсовремена терапија што се дава во најразвиените земји во светот, е достапен за пациентите со спинална мускулна атрофија, вели Филипче за МИА.

90

Јавното здравство е сè уште пред големи предизвици, а надлежните упорно и оптимистички веруваат и ветуваат дека се на вистинскиот пат во обезбедувањето подобри здравствени услуги, со цел задоволни пациенти и здравствени работници, вели во изјава за МИА ресорниот министер, Венко Филипче.

Здравствениот систем во државава и во годинава што изминува чекореше на патот кон достигнување на европските здравствени стандарди, но и покрај големиот број спроведени јавноздравствени проекти и воведени услуги, сè уште не се задоволени насушните барања на пациентите. Се прават споредби со други модерни здравствени системи кон кои цели државата. Сепак, тоа што и натаму охрабрува се големите ветувања на надлежните, кои оптимистички, поради веќе реализираните проекти, најавуваат дека ќе продолжат нивните заложби за јавно здравство со квалитетни здравствени услуги, задоволни здравствени работници, што, според нив, ќе значат и задоволни пациенти.

На пациентите, пак, соочени со своите здравствени проблеми, не им преостанува ништо друго освен и натаму да имаат голема надеж дека здравствениот систем во државава ќе ги достигне во овој момент недостижните европски здравствени стандарди.

Министерот Филипче за МИА додава дека огромен дел од планираните мерки во годинава што изминува веќе ги имплементирале. Меѓу нив се големиот број вработувања, специјализации, поддршка на младите лекари преку плаќање на нивниот труд за време на специјализација и најави дека тие проекти ќе продолжат и во следниот период.

– Ќе продолжиме со трендот на вработувања, зголемувања на платите, со иста политика кон сите нови специјализанти, дури и тие кои се запишуваат на специјализација да бидат платени исто како групата која ние првпат пред година и пол ја исплативме. Заедно со дежурствата, со основното зголемување на платата на лекарите специјалисти, до 2020 година сите консекутивни зголемувања кои се над 40 проценти, на медицинските сестри над 20 проценти, а во апсолутна сума зголемена за 50 – 60 проценти досега, до 90 проценти во 2020 година заедно со дежурствата кои некаде двојно и тројно се зголемија, сметам дека направивме максимум што треба да се направи во рамките на економските параметри на државата, во рамките на тоа што можеше да биде фискална импликација во здравствениот систем поради тоа што нашите здравствени работници тоа го заслужуваат, рече Филипче.

Тој најави продолжување на тој тренд колку што дозволуваат сите економски параметри во државата. Досега, како што посочи министерот, бројките се одлични во делот на странски инвестиции, приходите во буџетот. Според него, само задоволни здравствени работници може да значат и задоволни пациенти и соодветен третман.

Повеќе јавноздравствени активности ја одбележаа годинава, а капитален проект за секторот здравство и генерално за економијата, според министерот, е проектот за изградба на новиот Клинички центар во Ѓорче Петров.

– Нашите граѓани заслужуваат да имаат модерен и високоразвиен медицински центар во кој ќе ги добијат најсовремените медицински услуги, рече Филипче.

На фактичката состојба на објектот на Клиничкиот центар, појасни тој, ќе претходат многу други инфраструктурни проекти, за што ние веќе префрливме пари од Владата, од Министерството за здравство, на Општина Ѓорче Петров за инфраструктурно средување во однос на пристапните патишта, водоснабдување, како и снабдување со електрична енергија, и тоа се работи што многу скоро ќе почнат.

– Во рамките на Министерството за здравство се одвива конкурентниот дијалог, завршена е првата фаза во која имаа право да аплицираат сите заинтересирани економски оператори, останаа два, еден од Франција и еден од Германија, и во периодот што следува треба да почне и фазата на дијалог. Паралелно на сето ова, во рамките на Министерството за финансии се одвива дијалог со потенцијалните инвеститори, заради тоа што сумата што треба да се обезбеди ќе биде од заем, појасни Филипче.

Меѓу позначајните активности во здравството годинава беше примената на современи методи во јавните здравствени установи за кои досега пациентите одеа во медицинските центри во странство, успешно се извршени неколку кадаверични трансплантации, а во континуитет се вршат и трансплантации на бубрези од жив донор, извршена е прва несродна трансплантација кај 13-годишно момче со апластична анемија, лекот „спинраза“, како најсовремена терапија што се дава во најразвиените земји во светот, е достапен за пациентите со спинална мускулна атрофија, зголемен е буџетот на Програмата за ретки болести, воведени се нови лекови за болеста фамилијарна амилоидна полиневропатија, лек за апластична анемија, ампуларна и таблетарна терапија за пациентите со Гоше и за пациентите со идиопатска белодробна фиброза…, а доенечката смртност, раната неонатална смртност и перинаталната смртност сe преполовени.

Многу важно да се нагласи е што сите жени со рак на дојка имаат терапија. Со централизираната набавка е обезбедена скапа биолошка терапија што не е на позитивната листа на лекови, за да им биде достапна на пациентите во болниците. Воведена е новина за двојно читање на мамографските слики за рано откривање рак на дојка, кои ќе бидат независно анализирани од двајца радиолози што треба да имаат искуство за тоа од минимум 800 пациентки. Првпат се обезбедени и ортопедски градници за жените кои се оперирани од рак на дојка, како и психолошка поддршка на онколошките пациенти.

Воведени се три нови инсулини, кои се најнова генерација лекови, од кои еден „тресиба“ е наменет за децата, а дополнително се набавени и 10 инсулински пумпи, а како што е најавено, со Предлог-буџетот за 2020 година се обезбедуваат инсулини, инсулински игли, глукагон, ленти за мерење шеќер и пумпи за континуирано снабдување со инсулин, во висина од 750 милиони денари, што претставува зголемување во однос на претходните години.

Значајна да се спомне е и набавката на повеќе нови возила на Итната медицинска помош, 134 медицински сестри и доктори почнаа со шестмесечна платена работа во службите за патронажна дејност во 17 здравствени домови и во две општи болници со проширена дејност во државава…

Меѓу реализираните активности се и пуштањето во употреба на повеќе современи медицински апарати на клиниките во Скопје и низ градовите и отворањето нови оддели во клиниките и хирушки сали. Во рамките на Градската општа болница „8 Септември“ е отворен Кардиоваскуларен центар.

Првпат по четири децении се реновирани двете гинеколошки операциони сали во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“, комплетно се реновирани и хируршките сали на Ортопедија при Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), како и одделенијата на универзитетските клиники за дигестивна хирургија, за хематологија, за пластична и реконструктивна хирургија и одделот за интензивно лекување на Клиниката за неврохирургија.

Извршена е реконструкцијата на одделенијата во Специјалната болница по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ (стара Градска болница) и Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид. Комплетно се обновени службите за Итна медицинска помош во Здравствениот дом во Битола и во Велес, пуштени се во употреба новиот Ургентен центар во Општата болница во Куманово, новото одделение за акутни состојби во Психијатриска болница – Негорци, се гради нова, современа хируршка сала во Општата болница со проширена дејност Гевгелија, а се интензивираа и активностите за изградбата на новата Клиничка болница во Штип.

Уште 34 јавни здравствени установи ќе бидат опфатени со активности за нивно реновирање.

Годинава поминува, но надежите за европски стандарди во здравствениот систем остануваат. Надлежните во здравството велат дека и во 2020 година ќе продолжи нивната силна заложба да ги задржат здравствените работници во државава, а пациентите да имаат што поквалитетни здравствени услуги.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...