Зделката на премиерот и советникот допринесе за добивањето на црвениот картон од УНЕСКО

4616

Дали постојат црвени линии за оваа Влада? Дали ќе го доживееме и најлошото сценарио во Охрид и дали ќе дозволиме да го изгубиме УНЕСКО по цена премиерот и градоначалникот да си го испорачаат ветеното?

За почеток, да се потсетиме на нашето блиско минато, доаѓањето на премиерот пред изборите, сѐ со цел да ги „реши“ проблемите во градот Охрид, што не помина така лошо… Со оглед на тоа како поминаа изборите, баш добра фора, но по самите избори наидуваме повторно на истиот проблеми повторно премиерот сака да го „реши“ проблемот. За нештата да станат поинтересни се појавува УНЕСКО кој дополнително ја отежнува работата на премиерот (впрочем и тоа ќе да е некое масло на писателот од Будимпешта), но како и секогаш на лагата и се кратки нозете. Јавна тајна во градот Охрид е договорот помеѓу премиерот и советникот, всушност ден после изборите се продолжи со градежните активности на така наречените дивоградби кои во меѓувреме можеби станале легални. Пред сѐ, премиерот е познат по тоа дека е човек од збор, па како што е редот треба да си го испочитува договореното на кафе муабетот со советникот.

Да не го заборавиме таткото на градот Охрид, Константин кој уште не седнат стана „очув“… Силниот градоначалник, кој требаше да му се спротистави на советникот, кој всушност е вистинскиот градоначалник на Охрид. За жал, сето тоа изгледа конфузно и збунувачки, но сепак тоа е суровата реалност во Охрид.

Не толку одамна „очувот“ им ветуваше на охриѓани дека ќе ги рушел дивоградбите и дека ќе го врател вистинското лице на градот, за после изборите повторно да се појави со слична изјава дека ќе изнајдел решение… Празни ветувања колку ти душа сака, а реалноста сурова. Од рушење стигнавме на преговори и изнаоѓање на компромис, а што се однесува до извештајот од УНЕСКО нема да се откажеле од нас, туку ќе не ставеле во листата на загрозени места… Тоа е решението и изговорот на „очувот“, тоа е сума сумарум на ситуацијата. Така едноставно се даде објаснување за УНЕСКО, чиниш како да е играорна група од Косово, па дали настапила или не, не е толку важно.

Целата предизборна кампања на СДСМ пред две години кога победи на локалните избори беше баш за дивоградбите и палмите на тогашниот градоначалник Бакрачески, всушност најгласниот промотор на СДСМ во Охрид беше господинот Тунтев кој добро го наплати своето емоционално празнење (го болела душата што бил принуден да гледа како се уништува Охрид) и заврши наприлично добро место, а пак Охрид како и секогаш продолжи по патот на успехот. Што се однесува до ветувањата тоа беше пред избори, а после изборите функциите и парите се слатки, а за тоа најдобар пример ни е господинот Томислав Тунтев… На лицемерието му нема крај! Кога веќе ги спомнав палмите Општината ете започна со отстранувањето на истите и со тоа го решава најголемиот проблем во градот, како и премиерот што го реши во државата со отсранувањето на претседателите на општинските комитети… Полн погодок! Проблемите ни завршија.

И за крај, кавгите и препукувањата на сестриските партии кои ја имаат окупирано Македонија, постојано трудејќи се да се докажат кој повеќе зло нанесол си продолжуваат… СДСМ ги набројува градбите на Плаошник, Галичица, палмите, приватизациите на плажите и стотиците дивоградби. Додека пак од друга страна, ДПМНЕ алудира на дивоградбите на советникот, изградбата на минарето и редица дискутабилни асфалтни бази на отпади итн.

Што може да се заклучи од сето тоа?

Цели дваесет и осум години СДСМ и ДПМНЕ наизменично го уништуваат Охрид и со целата доблест што ја имаат пред очите на народот се убедуваат меѓусебно кој го направил поголемото зло.

Охриѓани разбудете се, за вашиот дом се работи!

Даниел Јорданоски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...