Бројот на сообраќајни несреќи на подрачјето на општинитe Крива Паланка и во Ранковце во првите шест месеци од годинава е зголемен за 24 отсто споредено со истиот период во 2017 година. Регистрирани се 31 сообраќајна незгода, додека минатата година биле регистрирани 25.
Во извештајот за преземени мерки и активности од страна на Полициска станица од општа надлежност Крива Паланка за првото полугодие годинава, се наведува дека најголем процент на зголемување бележат незгодите со потешки последици, и тоа 62,5 отсто споредено со лани.
– Во извештајниот период регистрирани се 13 сообраќајни незгоди со потешки последици, додека лани имало осум. Со телесни повреди и тешки телесни повреди се здобиле вкупно 24 лица, од кои седум возачи, 13 сопатници, двајца пешаци и двајца-возачи на мопед. Во една сообраќајка загинало едно лице, пешак – информира Дејан Маринковски, командир на ПС од ОН, Крива Паланка, кој го презентираше извештакот на 13-та седница на Советот на општина Крива Паланка.
За управување под дејство на алкохол, без возачка дозвола, како и управување технички неисправно или нерегистрирано возило, исклучени се 90 возачи и 46 возила, а алкотест бил употребен во 79 случаи.
Отсекот за превенција на подрачјето на Ранковце и Крива Паланка во првото полугодие од годинава одржал едукативни трибини на тема „Малолетничко престапништво со елементи на насилство“ каде се опфатени ризик факторите семејно насилство, алкохол, дрога, влијание на училишна средина, злоупотреба на социјални мрежи и друго. Со трибините биле опфатени ученици од основните и средни училишта, учениците кои престојуваат во Домот за ученици „Боро Менков“ во Крива Паланка, како и припадници на месни заедници од двете општини.
Отсекот превенција при Полициската станица во Крива Паланка има спроведено и неколку соседски патроли со обиколка на најфреквентините локации за собирање на младите.