Зглобните автобуси во еко амбалажа се враќаат на скопските улици

Автобусите ќе ги набави Јавното сообраќајно претпријатие со кредит од 10 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и 1,8 милиони евра од сопствени средства. Планирано е да се набават 35 автобуси од кои две третини ќе бидат зглобни, а другите обични.

1296

Скопјани најверојатно од крајот на годинава повторно ќе се возат со зглобни автобуси, но овој пат тие ќе бидат со мотор на компримиран природен гас. Автобусите ќе ги набави Јавното сообраќајно претпријатие со кредит од 10 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и 1,8 милиони евра од сопствени средства. Планирано е да се набават 35 автобуси од кои две третини ќе бидат зглобни, а другите обични.

Како што беше речено на денешното потпишување на Договорот за кредит и неговата гаранција, Кристијан Чушков, директор на ЈСП, информира дека новите автобуси ќе овозможат побрз и поефикасен превоз.

– На улиците ќе се вратат зглобните автобуси, кои имаат капацитет да превезуваат речиси двојно повеќе патници од двокатните, овозможуваат побрз проток на патниците низ возилото што влијае на скратување на времето потребно за задржување на постојките, што ќе овозможи и зголемување на фреквенцијата на возилата. Во новите автобуси, ќе има можност и за валидација на најмалку две места во возилото. Сето ова, автоматски на граѓаните ќе им овозможи побрзо да стасуваат до крајните дестинации, отколку сега возејќи се со кинеските автобуси – рече Чушков.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов најави дека со првата набавка на нови автобуси во ЈСП по седум години целосно ќе се замени застарениот возен парк на ова претпријатие.

– Моите очекувања се дека најдоцна до крајот на оваа година по скопските улици ќе може да се видат новите екоавтобуси кои ќе бидат на еколошко гориво на компримиран гас со ЕУРО 6 стандард на мотори, што значително ќе придонесе за намалување на загадувањето, имајќи предвид дека со оваа набавка ќе можеме во целост да го замениме застарениот дел од возниот парк на ЈСП – рече Шилегов.

Според него, одлуката за типот на автобусите е донесена врз основа на податоците од извршените тестирања направени лани кои покажале дека овие возила се и еколошки и енергетски ефикасни и економски многу исплатливи.

– Речиси и да не го загадуваат воздухот затоа што загадуваат само 10 отсто од тоа што го прават сега дизел моторите во ЈСП „Скопје“. Потрошувачката ќе биде сериозно намалена и се релативно евтини за одржување. Нашите очекувања се дека една година по истекот на грантот ќе имаме направено исплата на автобусите со заштедите што ќе ги направиме во работењето на ЈСП – рече Шилегов.

Тој рече дека сега ќе следува постапка за распишување тендер од страна на ЕБОР во која Градот инсистира автобусите да не бидат од кинеско производство.

Министерот за финансии Драган Тевдовски, пак, изјави дека кредитот е земен под поволни услови со каматна стапка од еуролибор плус 1 отсто, рок на отплата од 10 години и грејс-период од три години.

– Инвестицијата во набавката на автобусите за која гарантира државата ја отсликува определбата на Владата за поддршка на реални и фискално ефикасни проекти. Со нив се придонесува за подобрување на животот на граѓаните и ќе влијае на намалување на загадувањето на воздухот – рече Тевдовски.

Заменик директорката на ЕБОР за општинска и еколошка инфраструктура Лин О Брајан рече дека кредитот за автобусите е дел од проектот Скопје зелен град во кој покрај набавката на автобусите е планирано да се направи и реорганизација на работењето на ЈСП и на распоредот на возилата.

– Скопје е еден од 20-те градови вклучени во Акцискиот план за зелени градови до 2020 година – рече О Брајан.

Целта на новата стратегија на јавниот транспорт што ќе се работи, според Шилегов, е тој вид превоз да биде значително поевтин.

– Град Скопје секоја година со девет милиони евра го субвенционира јавниот транспорт. Секоја заштеда која можеме да ја направиме оди на конто на буџетот на Град Скопје, без притоа да ги оптоваруваме граѓаните со зголемување на цената на билетите. Нашата цел е да направиме рационализација на системот на транспортот како би се намалил притисокот врз Буџетот на град Скопје, а тие средства да се наменат за други потреби за граѓаните – рече Шилегов, одговарајќи на новинарски прашања.

Долгорочно, со стратегијата за развој на Скопје се планира сегашната пруга која е надвор од градот да стане градска пруга.

– Фантастично исплатлива работа, ќе овозможиме две кичми на јавен транспорт на градот. Едната е најавената трамвајска линија од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, а втората од Драчево до Ѓорче Петров. Јавниот транспорт на пруга, односно на шина, е иднината на Скопје на која сериозно работиме во изминатата година – рече Шилегов.

ЕБОР досега има инвестирано 1,831 милијарди евра во 113 проекти во македонската економија од кои најголем дел се во секторот инфраструктура.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...