На Единицата за интезивно лекување на Клиниката за неврохирургија во Скопје вечерва почина 58-годишен пациент, кој беше во критична состојба откако настрада во експлозија на плинска боца во кумановско Романовце, информираше за МИА директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар – ТОАРИЛУЦ д-р Илир Хасани.
– Во крајно тешка состојба се и две жени, на возраст од околу 30 и 50 години. Во критична состојба, пак, е еден повозрасен маж – изјави Хасани.
Ова е четврт смртен случај. Во експлозијата загинаа три деца на возраст од осум, девет и 11 години. Уште седум лица беа повредени и се здобија со висок степен на изгореници.
Попладнево министерот за здравство Венко Филипче беше во посета на повредените пациенти хоспитализирани на КАРИЛ. Филипче информираше за состојбата на повредените и нагласи дека се преземаат сите мерки на интензивно лекување. Потенцира дека внимателно ќе се следи нивната состојба.
Во критична животна состојба се и четириесетгодишната жена и десетгодишното дете кои во моментов се на лекување во ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Св.Наум Охридски“ – Скопје, каде е примена и бремена жена на возраст од околу 20 години. Ова за МИА го изјави директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Св.Наум Охридски“ – Скопје и дежурен хирург Љубен Арсенков.
Гинеколог ја прегледал пациентката, која е бремена во седми месец, и констатирал дека плодот е добар. Според првичната проценка, кај жената имало опеченост од 20-30 отсто и била примена во единицата за интензивно лекување.