За 3 години само две седници на Меѓуетничкиот комитет, претседателот вели немало потреба да заседаваат

Имавме неколку барања за тематски седници, ама бевме одбиени. Комитетот го изгуби своето значење откако Албанците си ги остварија своите права, вели член на Комитетот.

190

Функционира ли Комитетот за односи меѓу заедниците или го изгуби своето значење е дилемата која се наметнува бидејќи на неполн месец од распуштање на Собранието, пратениците-членови на ова тело само два пати се состанале иако имало барања од пратеници од заедниците да се расправа за повеќе теми.

Членови од ова работно тело за неактивностa на Комитетот го вперуваат прстот во претседателот Реџаил Исмаили од ДУИ. Тој, пак, вели немало потреба да заседава Комитетот, иако не сакаше да потврди дека во изминативе три години, колку што работи актуелниот собраниски состав, освен основачката средба имало само уште еден состанок.

Пратениците-членови на Комитетот кои ги контактираше Плусинфо се единствени во оценката дека функционирањето на ова собраниско тело зависи од претседателот, односно од неговата проценка дали ќе свика седница. Колегите на Исмаили му забележуваат и дека не го свикува Комитетот бидејќи, како што велат, нема „албански прашања затоа и не функционира“.

– Имаше само основачка седница и една тематска за правата на заедниците и толку. Баравме Комитетот да заседава за Извештајот на Европската комисија. Пракса на претходните состави на ова работно тело беше да расправа за извештаите, но бевме одбиени. Имаше и други барања, но претседателот одбиваше да свика седница – вели член на Комитетот.

Негов колега потврдува дека до Комитетот имало барања за тематски седници, но дека Исмаили ги одбивал. Тие коментираат дека мотото на владеачката коалиција „едно општество за сите“ не функционира кога станува збор за Комитетот и дека најверојатно проценката на Исмаили е да не свикува седници за опозицијата да не ја прозива власта за проблемите во образованието, културата…

– Имавме неколку барања за тематски седници, ама бевме одбиени. Очекувавме едно општество за сите, ама отидовме на полошо. Комитетот го изгуби своето значење откако Албанците си ги остварија своите права – вели член на Комитетот.

Наспроти обвинувањата од колегите, претседателот Исмаили вели дека не го свикал Комитетот зашто немало потреба.

– Зошто да го свикам кога немало потреба? Комитетот работи според закон. Барањата кои ги добивав од колегите пратеници не беа во рамките на законот. Комитетот заседава ако за одреден закон има проблем да се обезбеди Бадентерово мнозинство. Таков закон немаше. Тие на седниците на Комитетот сакаат да прават филм и да печалат политички поени. Јас сум искусен пратеник, ги водев најтешките комисии и не случајно сум претседател на Комитетот и тоа нема да го дозволам. Комитетот не е играчка и нема да го свикам за само некој да се слика и да прави политика – вели Исмаили.

Комитетот за односи меѓу заедниците произлегува од Уставот, односно од Амандманот XII и Законот за Комитетот за односи меѓу заедниците, донесен 2007 година. Комитетот го сочинуваат 19 члена од кои по седум члена од пратениците Македонци и Албанци и по еден член од пратениците Турци, Власи, Роми, Срби и Бошњаци. Основна задача на Комитетот е да разгледува прашања од односите меѓу заедниците и да дава предлози и мислења за нивно решавање.

Комитетот го следи обезбедувањето на правата на припадниците на заедниците кои не се мнозинство, разгледува начелни прашања од областа на односите меѓу заедниците, укажува на потребата за донесување закони и други прописи и општи акти со кои се уредуваат односите меѓу заедниците, остварувањето на правото на употреба на јазикот и писмото на заедниците, остварувањето на правото на настава на јазикот на заедниците, остварувањето на правото на изразување на идентитетот и особеностите на заедниците во областа на културата, информирањето, издавачката дејност и во други области, имплементацијата на принципот на соодветната и правичната застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и во другите јавни институции на сите нивоа.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...