Ги живееме последиците од тоталната негрижа за Градот и на животната средина во изминатите три децении. Досегашните централни и локални власти не го решаваа проблемот со аерозагадувањето во неговата суштина. Најголема грешка што ја правиме сите е да дадеме третман дека загадувањето може да се реши преку ноќ, изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Тој во емисијата „Анализа“ на Телевизија 24 рече дека во изминатите две години се поставени сите услови за суштинско решавање на овој проблем и оти се работи на намалување на загадувањето што доаѓа од домовите, како и на трансформацијата на јавниот превоз и на зајакнувањето на инспекцискиот надзор.
Очекува претпријатието „Градски енергетски системи“ до крајот на годината да ја добие лиценцата за дистрибуција на топлинска енергија и да се поврзат трите топловодни мрежи на БЕГ, ЕЛЕМ Енергетика и Топлана Север. Готова е и проектната документација за спојување на овие три топлински мрежи.
– Топловодните мрежи во нашиот град беа нелегализирани. Изработивме 17 елаборати за легализација на топловодната мрежа за да може да го преземеме правото за користење и очекувам по Нова година кога ќе ја добиеме лиценцата да ги поврземе овие топловодни мрежи и да влеземе во правењето на најевтината и најеколошката енергија до што е можно повеќе домаќинства – рече Шилегов.