За шест години бројот на болни од рак пораснал за 410!

Стапката на регистрирана болничка смртност од малигни заболувања за 2010 година изнесувала 12,6 на 1.000 битолчани, а за 2016 година – 16,7! Дури 410 случаи на малигни заболувања повеќе биле регистрирани во 2016 година во споредба со 2010 година на територијата на Општина Битола, соопшти Центарот за јавно здравје

467
OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Дури 410 случаи на малигни заболувања повеќе биле регистрирани во 2016 година во споредба со 2010 година на територијата на Општина Битола, соопшти Центарот за јавно здравје.

Според податоците што Центарот ги достави до Советот на Општината, за 2010 година имало 1.291 вкупно лекувани од малигни неоплазми, додека во 2016 година – 1.701! Стапката на регистриран болнички морбидитет од малигни заболувања за 2010 година изнесувала 12,6 на 1000 жители, а за 2016 година – 16,7. Најголем број на лекувани од неоплазми во Клиничката болница во Битола имало во 2016 година – 1.950, од кои 1.468 жени. Предничат малигните неоплазми на дојка, зад нив се малигните заболувања на респираторните органи, а потоа според бројот на случаи – оние на дигестивните органи. За 2017 година, и покрај тоа што некои од советниците побарале, не бил доставен извештај како се движат овие бројки.

Сѐ повеќе млади во Битола заболуваат од рак

Двајцата мои родители починаа од рак, вели една битолчанка.

– За жал, доцна беа дијагностицирани малигните заболувања и кај двајцата мои родители. Боледуваа од рак на матка, односно на хепарот. Тоа се страшни трауми и за болниот и за неговото семејство – вели нашата соговорничка.

Во здружението „Лига за борба против ракот“ во Битола членуваат 270 битолчани кои бараат помош, едукација за новозаболените од рак и на нивните семејства, како да се лекуваат и да се справат со болеста и со последиците. Лигата се залага за еднаков пристап на лекување на сите заболени од рак во државата, без оглед каде живеат, како и за обезбедување нови онколошки лекови.

– Во последниот период најголем број од заболените од рак во градот се млади. Ние сме насочени на неколу полиња. Факт е дека за болните од рак не се обезбедуваат лекови согласно препораките на Светската здравствена организација. Нема нови онколошки лекови, недостигот на лекови е редовна појава, пациентите се упатуваат сами да си ги набавуваат. За Битола е карактеристичен и проблемот со недостиг на стручни кадри, особено сестри. Одделението за зрачна терапија во Битола никако да проработи – наведува Стојан Стојановски, претседател на „Лигата за борба против ракот“.

Според податоците, од малигни неоплазми боледуваат и деца од најмала возраст. Така, во амбулантно-поликлиничката дејност имало 18 случаи на малигни заболувања кај деца до две години во 2016 година. Потоа, пет заболувања кај деца од 3 до 6 години, шест кај деца од 7 до 9 години, четири кај деца од 10 до 14 години, две кај тинејџери од 15 до 19 години, 18 кај млади од 20 до 24 години. Кај едно дете од седум до девет години било забележено малигно заболување на дигестивниот систем, девојка од 15 до 19 години имала малигно заболување на дојка. Кај деца не се регистрирани малигни неоплазми на респираторните органи.

Од Центарот за јавно здравје во Битола посочуваат дека во 2016 година неоплазмите како причина за смрт се со вкупна бројка од 382 умирања и се на второ место, веднаш по заболувањата на циркулаторниот систем со 1.161 умирања. Во вкупната смртност тие се застапени со 17,8 проценти. Во извештајот Центарот предупредува дека бројот на регистрирани заболувања не значи исто што и број на заболени. Во една година, едно болно лице од неоплазма може повеќепати да посети лекар.

Аерозагадувањето е директно поврзано со заболувањата

Овие алармантни податоци не беа доволни за претставник од Центарот за јавно здравје јавно да ги образложи на последната седница на Совет на Општина Битола. Претседателот на Советот, Валентин Груевски, потврди дека биле повикани претставници на Центарот за јавно здравје да го презентираат извештајот.

Независната советничка Габриела Илиевска рече дека Битола го води орото според бројот на заболени луѓе од рак во земјата. Аерозагадувањето како проблем директно го поврза со заболувањата.

– Многу често за овие работи не водиме грижа, разговараме за политика и за тоа кој што направил, иако здравјето на луѓето нема цена. Како Совет и како Општина треба да покренеме некои прашања. Затоа е нужна инцијатива со која Битола ќе почне да презема активности за решавање на овој проблем. Ајде да не го нарекуваме проблем аерозагадувањето ако тоа не сакате да го прифатите, но до некни го прифаќавте. Сметам дека најголемиот проблем почнува оттаму – рече Илиевска.

Таа наведе дека во Битола последниве години имало смртни случаеви од малигни неоплазми кај деца до две годишна возраст, како и тоа дека Битола е втора во Европа по високото аерозагадување.

Извор: Слободен Печат, Анета Блажевска

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...