Резултатите од истражувањето на Институтот „Галуп интернашл“ спроведено во 64 држави покажуваат дека во Западна Европа недостасува подготвеност земјата да се брани со оружје.
Анкетата покажува дека само 21 отсто од Австријците изјавија дека би ја штителе татковината со оружје. Додека во државите од Блискиот Исток, Северна Африка и Пакистан дури 94 проценти од граѓаните со оружје би ја бранеле земјата.
Во Западна Европа просечно само една четвртина од населението, во случај на потреба, со оружје би ја бранело земјата.
– Овие резултати се изненадувачки. Очигледно на Австријците им недостасува, како и на другите во Централна Европа, конкретна слика од закана – изјави директорот на Воено-историскиот музеј Кристијан Ортнер.
Тој посочи дека во кризните години помеѓу 1956 и 1968 година, како и за време на Студената војна имало јасна закана.
Во Швајцарија, според резултатите од анкетата, постои поголема подготвеност за одбрана на земјата во случај на опасност. Така што 39 проценти од Швајцарците би ја бранеле татковината, а во неутрална Шведска дури 55 отсто.
– Европската интеграција сигурно многу допринесе за подобрување на чувството на сигурност во Австрија, како и поради тоа што се променија сценаријата на закани во хибридна мешавина, кои тешко се разбираат – посочи Ортнер.
Тој потсети дека последната голема закана на границите на Австрија беше пред 27 години, за време на распадот на поранешна Југославија.
Студијата покажува дека ако земјите постојано се соочени со конфликти, мнозинството граѓани се подготвени воено да ја бранат татковината. На пример Израел, каде 66 отсто од населението би ја бранело земјата со оружје, а процентот во Турција е уште поголем – 73.
САД, кои се активни на многу боишта, само 44 отсто од граѓаните се подготвени со оружје да ја бранат земјата.
Анкетата покажува и дека 52 проценти од католиците би војувале за својата земја, тоа би го сториле 78 отсто од муслиманите, 77 проценти хиндуси и 66 отсто будисти.
Истражувањето покажува дека 67 отсто од мажите и 52 проценти од жените изразиле подготвеноста со оружје да ја бранат татковината.