За Социјалдемократите во ЕП предлогот на Париз за методологијата не е целосно прифатлив

Ако ја ставите животната средина во првите сектори пред да можете да преминете на следните, тоа значи дека ќе останете заглавени дваесет години врз еден сектор, градовите на западниот Балкан се меѓу најзагадените на свет - потсети европратеничката.

215

Европските Социјалдемократи не се согласуваат со сите аспекти на предлог реформата на методологијата на преговорите за членство, изјави потпретседателката на оваа партија во Европскиот Парламент, Кати Пири.

Европратеничката поздрави дел од предлозите на Париз кои внесуваат поголема динамичност во процесот, како и ран пристап до некои европски фондови, но предупреди дека одредени елементи од предлогот ќе направат процесот потежок и побавен.

Станува збор пред сѐ за таканаречените „кластери“. Париз предлага 35-те поглавја од процесот на преговори да се обединат во седум тематски блокови, но според информациите што кружат во политичките кругови во Брисел, Франција смета дека во текот на процесот ќе мора да се затвори еден кластер пред да се отвори следниот.

– Процесот е веќе полн со можности за вето, речиси невозможно е да се има брз процес, сите се плашиме да изгубиме контрола врз проширувањето. Секторскиот пристап е во ред, но не помага ако се внесуваат камења на сопнување, кога веќе има 53 поглавја, да мора да се затвори еден сектор пред да се отвора друг, барем така се толкува ова – рече Пири на прес – конференција.

Таа го даде примерот со блокот посветен на животната средина, на второ место во францускиот предлог.

– Ако ја ставите животната средина во првите сектори пред да можете да преминете на следните, тоа значи дека ќе останете заглавени дваесет години врз еден сектор, градовите на западниот Балкан се меѓу најзагадените на свет – потсети европратеничката.

Блоковите не смеат да станат пречки за напредокот, сметаат Социјалдемократите во Европскиот Парламент и бараат преговорите да се водат за повеќе кластери истовремено.

-Не е добро да се прифати во целост францускиот предлог, сметам дека предлогот не е елабориран во некои делови, ние имаме повеќе предлози од Франција и Европската Комисија ќе има уште повеќе, не би било добар сигнал да се прифати сѐ од Франција, тоа би значело дека кога ставате вето добивате сѐ што сакате, предупреди пратеничката.

Од друга страна Социјалдемократите се согласуваат со низа други елементи во францускиот предлог. Еден од нив е пристап до фондови, со што ќе им се даде и на властите и на граѓаните опиплив бенефит од преговарачкиот процес, кој може да трае 15 до 20 години, зависно од напредокот.

-Граѓаните не гледаат веднаш бенефит кога ќе се затвори едно поглавје, со постепено пристапување се работи на повеќе теми истовремено, а притоа има и огромна разлика помеѓу претпристапните фондови и фондовите за членство во ЕУ, и тука се појавува јаз кој моментално го пополнува Кина. ЕУ треба да го пополни овој јаз, посочи Кати Пири.

Владеењето на правото во секој случај ќе остане клучен елемент во новата методологија бидејќи ова е барање на сите земји членки, но посебно на земји како Франција и Холандија.

Пири, која и самата е холандска европратеничка, вели дека граѓаните од нејзината земја се плашат од проширувањето поради нефер конкурентноста на пазарот на трудот и бара поголем акцент врз социјалните прашања во идната методологија.

-Еден од стравовите во Холандија е тоа што се случи после проширувањето во 2004 кога имаше широко движење на работната рака и конкурентност на пазарот на трудот, затоа е клучно да се инвестира во социјални политики пред зачленувањето во ЕУ, тоа  е една од научените лекции – рече Пири.

Извештајот на Европската Комисија за ревизија на методологијата ќе биде објавен утре околу пладне.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...