За соживот се потребни најмалку двајца

446

Спортот како спорт не го следам, освен во ситуации како со фудбалската репрезентација на Хрватска на Светското фудбалско првенство, но затоа ја следам политиката во спортот, што значи дека следам голем дел од него. За жал, многу малку спорт има во спортот, а многу политика, корупција, скандали и насилство. За денеска, сакам да пишувам за патриотизмот и соживотот (за кој се потребни најмалку двајца), поттикнат од разговор со еден активист, уметник и интелектуалец, мој драг другар и колега. Му благодарам за тоа.

Дрита Ислами, македонска атлетичарка трчаше за Македонија во Тајпеј. На фотографиите од овој меѓународен спортски настан, ја видовме наметната со македонско знаме, а околу ногата имаше и трака со нашето знаме. Постигна слаб резултат, како и многумина наши спортистки и спортисти. Сепак, знамето гордо и насмеано го обвитка околу себе и се појави пред камерите.

Младиот Агрон Руфати, надежен македонски фудбалски талент, одби примамлива понуда од спортските ловци на таленти од Албанија и одлучи да игра за македонската репрезентација.

Овие двајца направиле нешто што е многу природно и, во принцип, не би било некој особен повод за пишување во овој формат. Но (ах тоа вечно „но!“ што се наметнува насекаде во македонскиот начин на живот), револтира и загрижува невидливоста на овие постапки на гордост со земјата што ја претставуваат и ги впрегнуваат своите мускули, ум и таленти.

Медиумите не најдоа за потребно да ги одбележат овие постапки, да се обидат да им дадат пример на другите млади и сите останати македонски граѓанки и граѓани. Не мора ни да се потенцира дека тие се припадници на албанската етничка заедница во Македонија. Тоа е важен мотив и мотив повеќе за оние што секојдневно искажуваат јавен збор во медиумите или во политиката – да им дадат посебно значење на гестовите на овие млади луѓе. И, тоа го прават без одговорност, без совест и срам. Не само со своите деструктивни настапи, концепции и политики, туку и со својот молк и (не)намерно пропуштање на можноста да одбележат и да поддржат вакви постапки, толку потребни во овој деликатен период за земјата.

За жал, тука не е крајот на оваа кратка и тревожна приказна. Молкот за патриотскиот гест на младата Дрита беше заменет со зајадливост на сметка на нејзиниот лош спортски резултат, иако ни оддалеку не е единствената репрезентативка со лоши резултати на меѓународните натпревари. И тука не е крајот. Таа беше мета на грда кампања поради нејзината фотографија на која со рацете симболизира орел, нешто што ја одбележува нејзината етничка припадност, независно од државјанството. И тоа го прави како туристка, посетителка на познатиот берлински Checkpoint Charlie.

Ова беше одбележано на сите ѕвона, со нескриен говор на омраза и апсурдно повикување таа да се извини за нешто што е нејзино неотуѓиво право по сите основи. Политичарите и тука потфрлија, поточно, молчеа. Па и НВО (фолирантите) не најдоа за сходно да мрднат со прст. А во меѓувреме, Атлетската федерација на Македонија наоѓа за сходно да покрене постапка за нејзино казнување, по некоја друга бирократска основа. За вистинските мотиви не сакам да расправам.

Се разбира, сега ќе бидам повикан да се осврнам на албанските националистички испади (за кои, инаку, пишувам), без да се погледне во сопствениот двор. Само ќе повикам да се чита редовно и да се биде фер. Да не се гледа трошката во туѓото, а да се занемарува балванот во сопственото око. Но, кому да му кажеш…

За крај, само гласно ќе извикам: Да живее Македонија, земја на еднакви луѓе!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...