За случајот со арбитражата меѓу „Адидас“ и „Креди Лионе“ започнува судењето во Париз

114

Во Париз започнува судењето на францускиот бизнисмен Бернар Тапи и на пет други лица обвинети за измама и проневера на пари во случајот со арбитражата меѓу компанијата „Адидас“ и банката „Креди Лионе“, јави дописникот на МИА.

Арбитражата со која во 2008 година на Бернар Тапи му беа доделени 403 милиони евра за да се реши спорот со „Креди Лионе“, беше поништена поради „измама“ и „проневера“.

Тапи, кој сега има 76 години и боледува од рак, е решен да се „утврди“ и да се докаже дека тој не ги „ограбил даночните обврзници“, ветувајќи дека ќе го „возврати ударот“ за обвинувања за измама и проневера на јавни средства.

Покрај Тапи, кој сега е сопственик на медиумската група „Ла Прованс“ што ја купи со парите добиени од арбитражата, за „измама“ им се суди и на неговиот поранешен адвокат Морис Лантурн и на еден од тројцата арбитри Пјер Еступ.

За „соучество во измама“, пак им се суди и на првиот човек на телекомуникациската групација „Оранж“, Стефан Ричард, кој во време на арбитражата беше шеф на Кабинетот на тогашната француска министерка за финансии и економија Кристин Лагард, како и на двајцата поранешни раководители одговорни за управување со пасивата на „Креди Лионе“, Жан-Франсоа Роки и Бернард Скемама.

Тие се осомничени за „соучество во проневера на јавните фондови“, бидејќи организирале и овозможиле арбитража за која знаеле дека е поволна за Тапи, кој е поранешен сопственик на фудбалскиот клуб Олимпик Марсеј.

Според обвинението, Тапи извршил притисок врз неговите пријатели во Елисејската палата за арбитражата и покрај несогласувањето на јавната администрација, која се залагаше за традиционална судска разврска. Тој исто така е осомничем дека „направил сé“ француското Министерство за финансии да не ја обжали арбитражата.

Поради нереагирањето на Министерството на одлуката на арбитражата, на Лагард, кој сега е прв човек на Меѓународниот монетраен фонд (ММФ), кон крајот на 2016 година се соочи со обвинување за „небрежност“, затоа што дозволила пренасочување на јавни средства. Лагард сепак беше изземена од процес пред Судот на правдата на Републиката, единствениот орган кој им суди на министри за дела извршени додека биле на должност.

Постапката за арбитража беше спроведена во 2007 година кусо време по изборот на Никола Саркози за претседател на Франција, со цел да се стави крај на стариот спор помеѓу Тапи и „Креди Лионе“, што започна во 1993 година со препродажба на германскиот производител на спортска опрема „Адидас“, кој тогаш беше во сопственост на Тапи.

Арбитражата во јули 2008 година на Тапи му додели повеќе од 400 милиони евра отштета, вклучувајќи и 45 милиони евра за компензација на наводната „морална штета“ на бизнисменот.

Тапи беше осуден да ја врати сумата од арбитражата, но тој се жалеше на оваа пресуда, по што сумата со каматите сега достигнува 525 милиони евра. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...