За слепците и културата

Големоформатни уметници, од Леонардо па наваму, а како контрапункт најчесто се наведува, на пример, разликата на нивната перцепција со онаа на слеп човек кој мора да опише слон што никогаш во животот не го видел.

312

Некои учени велат дека една од особеностите што ги издвојува големите уметници од обичниот народ е начинот на нивната перцепција на реалноста. И посочуваат многумина навистина големоформатни уметници, од Леонардо па наваму, а како контрапункт најчесто се наведува, на пример, разликата на нивната перцепција со онаа на слеп човек кој мора да опише слон што никогаш во животот не го видел. Можете да си претставите на што би личело тоа?

Е сега, не мораме баш сите да бидеме Леонардовци во обичниов живот, ама совремиево сепак ни пружа дури и „предности“ над големиот мајстор, мислам на оние од техничка природа (фотоапарати, камери, телевизија, интернет и слични технолошки откритија) кои што и на „обичниот“ човек му овозможуваат прилично сигурна (иако не уметничка односно креативна) перцепција / рецепција на светот околу него. Ама, останува неодговорено прашањето: што со слепиот – и не мислам буквално, туку подобро речено со заслепениот – кој заради својата глупост, ограниченост, неукост и особено идеолошкото бунило едноставно не е во состојба не само да ја согледа туку ни да ја разбере реалноста околу него? Како ли тој / таа, на пример, ќе ви го опишат слонот односно современиот миг на македонска култура? Исто како и глувиот што ќе ви ја „опише“ Деветата симфонија на Бетовен! Или, тезата може да се постави и обратно: како на некој слеп / заслепен „пратеник“, или „пратеничка“ (дури и „министерка“), на пример, од сегашнава вмронска опозиција, ќе им објасните што е современа култура, како таа се манифестира, кои и какви се нејзините аспекти итн? Никако, ама ич не почнувајте, џабе трудот, нема да ве разберат. А тоа сепак не е само прашање на перцепција, туку и на рецепција, а особено на – ум!

И кога еден од „тие“ јавно вели дека „Имаме една наакана, забегана власт“, човек сериозно се прашува дали овие луѓе, или овој човек поименично има проблем само со видот, само со слухот можеби – ако не ги слушал „бомбине“, има реприза низ македонските судови – или и со двете сетила заедно, ама и со она најважното, она помеѓу двете уши кое што некој го нарекува памет, или ум? Зашто, денес да кажете такво нешто, после оние дванаесет години вмронска хистерија, треба да сте малоумен, најблаго речено. Та зарем ќе се случуваше она што се случуваше наназад две години, од „Шарената“ па наваму, да не беше нааканата и забеганата власт токму на неговата криминална банда? И зарем ќе го имавме целиот оној ангажман на меѓународната заедница, вклучувајќи ги тука и највлијателните личности од ЕУ и САД, да не бевме така длабоко зацапани во криминалот на неговите сопартијци? И оние ќе говорат за „наакана и забегана власт“? Не знам, не слушнав дали на неговиот контраговорник од СДСМ му текна да го потсети „слепиов“ и „глувиов“ на месечните хонорари на неговата сопруга од МНР, со години на ред? Кои што, белки, денес се укинати? И дали можеби оваа „наакана, забегана власт“ е таква токму заради тоа?

Но, кога слепиот при очи би застанал барем таму. Ама не, ѓаволот во вмроните ни ора ни копа, уште помалку има сопирачки. Па вели, овој: „Еве, некој нека ме демантира од СДСМ ама никогаш, пеесет години години наназад немало ваков терор и репресија во културата“. Е сега, извинете, ама да искажете и ваква констатација, треба многу да не знаете, и многу да сте неинформирани или, уште повеќе, да умеете страобално да лажете. Или пак, допуштам – да сте многу глупи, максимално! И мислам дека „слепиот пратеник“ се надеваше токму на пословичната неажурност (да не речам неспособност и некомпетентност) на спомнатата партија да одговори на вакви обвинувања, односно дека тоа, прво, ќе помине неказнето од неговиот контраговорник кој, знае „слепиот“, нема врска со културата, и второ, дека веќе утредента сето тоа ќе биде стара приказна. (И повторно, неодминливо е прашањето: фактот дека некој заслепен вмрон ја бербати македонската култура во времето на, нели, реформската влада на СДСМ не е интерес на таа партија да одговори соодветно?).

Е сега, да изречете една таква квалификација за сегашниот миг на македонската култура треба да сте не само безмалу експерт за македонските културни состојби барем „пеесет години наназад“, туку да сте и некаков историчар на македонската култура и културни политики или, ако не повеќе, да сте современик на тие состојби, што би требало да значи дека слепецот има барем шеесетина години. Ни првото, ни второто, ниту третото не одговара на заслепениот, пардон – „слепиот пратеник“. Тој не е ни едното, ни второто, ни третото. Тој, by the way, е ништо, една голема нула, не само во културна смисла, инаку прославена единствено низ неговата прочуена нескриена омраза кон албанската етничка заедница. Што, зачудо, кај овие толку години поминува глатко. И со такво педигре, останува нејасно врз основа на кои аргументи се искажува констатацијата, илустрирана само со еден несреќен инцидент со глумицата Ристиќ – иако слепецов не и’ е ни до колена за да ја користи за такви манипулации, а богами ни на Арна Шијак, чиј „случај“ е сосема различен. Згора, „случајот Ристиќ“ нема ама баш никаква врска со културата, туку има со редица други подеднакво важни нешта, меѓу кои и човекови права, ама – овој ли, овие ли пораснаа толку да делат лекции и за тоа? Па колку заслепен, колку безобразен, колку манипулативен треба човек да биде за да изрече такви бесрамни констатации? И кога ова би се случувало после, не знам, дваесетина години, во некоја подалечна иднина, па некој многу поумен и поинформиран од заслепениот слон ги каже сличните констатации, тогаш веќе некој можеби и би се замислил, би копал по архивите и слично, колку подобро да се информира. Ама да се расфрлате со такво лигавење само една година по катастрофалното, тотално антикултурно и целосно антидржавно режимско владеење на една вмронска партија – е тоа е, извинете, премногу дури и за еден слеп или заслепен „пратеник“. Толку слеп што веројатно не ни гледа на што му личи главниот град, па и партиското седиште, а што е резултат на „културата“ на неговата партија, на што личат македонските културни институции, каква е нивната кадровска структура, колкави им се платите на тие луѓе … Но, проблемот е што вакви слепи / заслепени шарлатани со години се наоѓаат на листите на „најпатриотската“ партија, што се дебело и неколкумандатно увалени во пратенички фотелји завземајќи го местото на квалитетните луѓе на оваа држава. И кога македонската култура навистина би зависела од вакви слепи типуси кои се обидуваат да ламентираат за нешто што им е тотална непознатица, ние би биле држава без иднина. Зашто, колку тоа да звучи паролашки, оваа држава нема иднина токму без нејзината култура. Само таа е темелот на нејзиниот идентитет и постоење, можел / сакал тоа некој да го види или не. Ама тоа не е онаа партизирана вмронска „култура“ која направи пустош во државата, туку културата втемелена на универзални цивилизациски вредности инхерентни на оваа средина со векови назад.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...