За скопските џукели (и нивните портпароли), дел 2

3558

Како што и можев да претпоставам, текстот за скопските улични џукели, прочитан од десетици илјади читатели, предизвика лавина од реакции. Најголем дел од реакциите се позитивни (што е помалку важно), но десетици читатели жестоко реагираат (најчесто со директни навреди и дисквалификации – „дебела свиња“, на пример; или „Друже Северџан“, бидејќи Ромите се помалку важни и од џукелите) на моите ставови и мојот речник, со кој уличните кучиња во Скопје ги нарекувам – џукели.

На социјалните мережи имам еден принцип: речиси никогаш јавно не одговарам на читателите кои ме фалат или ме критикуваат. Јас покренувам и дискутирам за теми кои се од (некаков) јавен интерес, а читателите имаат право да се согласат или не со моите ставови. Додуша, би требало да немаат право да навредуваат и клеветат, но таквото очекување од некој едикојси кој решил да лечи некакви свои фрустрации на фејсбук би било преголемо. Сум прифатил дека во ова што го работам има и извесна терапевтска димензија. Ако им е подобро така, отколку да пробаат со медикаменти, јас сум ОК.

Но, занимливи се неколку „линии“ на напади и дисквалификации…

Прво, кога некои не се согласуваат со вас, тогаш вие мора да сте платен од власта за своите ставови! Оти, ако, во случајов, не ме плаќа некаков Петре Шилегов, јас не можам, бесплатно, да имам и свој став за џукците!

За ова, донекаде – доколку не е резултат на чиста злоба во напад на афект – имам и разбирање: со години, скапо платената пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ подразбираше низа новинари и други јавни личности, (и) за пари, жестоко да ги промовираат и бранат ставовите на таа власт, вклучително и преку ефикасен систем на дисквалификации и дискредитации на секој кој не се согласуваше со тој режим. Таа практика тешко се искоренува во општеството, не само кај која било власт која мисли дека со пари сè може да се купи, туку и во дел од јавноста која мисли дека за пари секој може да се купи. Тоа е.

Второ, ако барате да се реши состојбата со грдите џукели кои шетаат по скопските улици – ова „грдите“ намерно го употребувам за да ги разбудам сите подзаспани морализатори и релативизатори од сите страни – тогаш веднаш ве прогласуваат за животно-мрзец („дебела свиња“, де!), а особено за куче-мрзец (еден, комбинирајќи ги точка 1 и 2, вели: „Сигурно не погледнал во очи некое кутренце, а и текстов е нарачан и платен“)… Можев, а не спомнав во првиот текст (и сега мислам дека тоа не е важно), да напишам дека во моментов чуваме две кучиња дома, дека рекордот во последните триесет години ни бил и три кучиња истовремено, а дека едно од најснаодливите од сите нив беше Штрафта („Бог да јој душу прости!“), една баш грда џукела собрана од улица, која на расниве ебиветри по дома (а и на некој од овие што ми пишуваат коментари по фејсбуци) можеше 24/7 лекции за интелигенција да им држи.

Трето е суштината и на овој и на претходниот текст: мојата теза е дека додека не се „преврти“ аргументацијата – да престанеме да говориме за тажниот живот на кучињата-скитници (обични џукели!) и да почнеме да алармираме за десетиците гризнати и преплашени граѓани (особено деца – ве молам, прочитајте некои од коментарите под првиот текст на мојата фан-страна на фејсбук) – надлежната градска власт (и оваа, како и претходната) ќе продолжи да си негува еклатантна неспособност и неволност (а колегите од Призма ги фатиле и во сериозни индиции за корупција на „Вардариште“!) за да се зафати за решавање на овој проблем.

И на овој Шилегов и на неговата градска администрација мора да им стане јасно дека се работи за проблем што ја загрозува безбедноста и здравјето на граѓаните, а не дека се работи за јавен натпревар за тоа кој повеќе сака кучиња! Да му се порача на Шилегов дека ќе плати скапа политичка цена, со губење на наредните избори (вонредни, зошто да не?) доколку не ги решава реалните проблеми на ГРАЃАНИТЕ, а не на КУЧИЊАТА во Скопје!

Затоа, следниот пат кога ќе одите на протести за правата на џукците во Скопје, наместо да протестирате со пудлиците врзани на розе-сиџими, истакнете во првите редови неколку родители и деца кои ги гризнале тие џукци – само така ќе ја натерате власта да се зафати со итно решавање на проблемот.

Што е ова? Ова е лекција за содржината на ГРАЃАНСКАТА ПОЛИТИЧКА МОБИЛИЗАЦИЈА до моите пријатели од граѓанскиот сектор – простете, иако не сум од Левица (sic!), малку повеќе асфалт имам испротестирано од најголем дел од нив, а и малку повеќе реален ризик имам преземено од сите нив, за да можам да си го дозволам овој совет. (Па, џабе ли на Мијалков му ги пишувам бе писмата?!)

На овој начин, со реална политичка закана и до Заев и до Шилегов, мислам дека има поголема шанса да се реши проблемот со кучињата (и со птиците кои патат од загаденоста на воздухот?!), отколку кога разни пуфли и прдежи, со нежни ушиња или лажни идентитети, ми држат лекции за џукци по фејсбук. А и кучињата ќе видат аир од сето тоа.

И, само цивилизирано, молам! И од овие на фејсбук и со џукелите. Дури кога се едни и исти.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...