Почна издавањето на лиценци за продавање на зелените пазари. Комората на трговци на првиот ден издаде 15 лиценци и очекува интензивирање на постапката во наредните денови. Напоредно со процесот усогласување со Законот за зелени пазари од Групацијата на пазари при Стопанската комора водат процес за одлагање на неговата примена, оти како што велат, тој во себе содржи низа нелогичности кои ќе го намалат бројот на пазарџии, но и нивниот промет.
Претседателот на Комората на трговци, Екрем Долек, е задоволен што процесот на усогласување со законот почна без проблеми.
– Од утрото издадовме 15 лиценци. Ги издаваме врз основа на платениот закуп на тезга од минатата година, бидејќи пазарите сѐ уште не ни доставија списоци на тезги и нивни закупци за да не се случуваат недоразбирања – вели Долек.
Тој очекува во текот на наредните денови да се зголеми бројот на пазарџии кои ќе побараат лиценца, но не знае кога би била завршена целата постапка.
По добивањето на лиценците, пазарџиите ќе треба да потпишат и договори за закуп на тезгите со зелените пазари.
Од Комората информираат и дека цената на лиценцата за една тезга е утврдена на 60 евра годишно и дополнителни 40 евра за секоја наредна тезга.
И додека Комората на трговци на зелените пазари ги издава лиценците на пазарџиите од Групацијата на пазари при Стопанската комора се обидуваат да ја одложат примената на Законот за зелени пазари бидејќи тој е недоречен и не се исполнети предусловите за негова примена. Според нив, одделни делови од законот се рестриктивни за тоа кој може да продава на зелените пазари што ќе влијае на намалување на бројот на пазарџии и ќе го намали прометот на пазарите за 30 отсто.
Министерството за економија, пак, најави дека ќе ги разгледа барањата, но не ја одложи примената на законот кој стапи на сила од 1 јануари.
На зелените пазари моментално работат од 20.000 до 25.000 пазарџии, а надвор од пазарите во некои од градовите во земјава продаваат дополнителни 50 отсто диви пазарџии. Со дивите пазарџии, како што велат од Комората и од Групацијата на пазари ќе треба да се позанимава пазаришната инспекција.