Секој ден доцнење со носење на Законот за јавно обвинителство, Македонија може дебело да го плати со одложување на одлуката за одредување датум за почеток на преговорите со ЕУ. Секако, не зависи сѐ од нас туку во прашање се и геополитичките игри, како што е, на пример, прашањето дали да одиме во пакет со Албанија или не, а ако се земе предвид тензичната политичка состојба во соседната земја тогаш ситуацијата дополнително се комплицира.
Но, ниту од она што зависи од Македонија не е испорачано сѐ, останува клучното – вметнувањето на СЈО во редовниот правосуден систем. Министерката за правда, Рената Дескоска, додека траеше последната рунда преговори со ВМРО-ДПМНЕ во петокот рече дека од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) разговараат околу тоа кога Европската комисија (ЕК) ќе го затвори извештајот.
Меѓутоа, од СЕП денеска не посочуваат датум кога ќе се затвори, односно до кога е извештајниот период, но нагласуваат дека секој ден доцнење може да биде проблематично.
– Постојат два датума кои ни се важни. Едниот е 29 мај кога ќе излезе одлуката, а другиот е самитот во јуни, на 20 и 21, кога ќе биде донесена одлука. Секој ден доцнење може да биде проблематично – велат од СЕП.
Преговарачките тимови, барем официјално, немаат мрднато чекор напред околу главниот проблем во законот со кој се решава судбината на СЈО. Сопката е членот 105 со кој се предвидува што да се случува со предметите кои ги отворија специјалните обвинители по истекот на рокот од 18 месеци. Бидејќи засега нема најави за доближување на ставовите, не се исклучува можноста и за лидерска средба помеѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
– Чекаме сигнали од ВМРО-ДПМНЕ за промена на ставот и повлекување на нивното барање за амнестија преку законски одреби – велат од Министерството за правда, од каде и претходно тврдеа дека опозицијата бара предметите по овој рок да паднат во вода, односно да пропаднат сите докази и ако има индиции одново да се започнат.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека исходот на разговорите зависи од менаџерските способности на минситерката и од власта, а не од нив.
Фамозниот член 105, инаку предвидува предметите за кои се поднесени обвиненија до рокот 30 јуни 2017 да си продолжат без никакви интервенции. Истрагите и обвиненијата, пак, покренати по рокот, според предлогот на Правда треба да продолжат, но „бомбите“ да не бидат докази туку само индиции. За оние кои се во предистрага, пак, се предвидува да се одредува под чија надлежност ќе бидат, дали ќе останат во СЈО, во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција или во некое друго.
За останатите работи кои беа спорни во преговорите меѓу власта и опозицијата, кадарот и статусот на СЈО, се очекува лесно да се најде решение. За статусот, најверојатно ќе попушти ВМРО-ДПМНЕ и СЈО ќе биде посебно обвинителство, додека за кадарот се очекува отстапки да направи власта на барањата на опозицијата да има промени во составот на ова обвинителство. Актуелниот предлог предвидува на секои шест месеци да се прави рокада на по четворица обвинители, но и постоечките да имаат право да аплицираат за нов мандат.