Министерството за образование и наука за реконструкција и изградба на студентски домови и интернати одвоило 274 милиони денари во буџетот за 2019 година.
– Министерството за образование и наука секоја година предвидува буџетски средства за унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард, вклучително и за подобрување на условите во државните сместувачки капацитети наменети за учениците и студентите. Обезбедени се средства во износ од 141 милиони денари за почеток на изградба на целосно нов студентски дом во Тетово. Со 30 милиони денари ќе се изврши санација на дел од другите студентски домови, додека со 5 милиони денари ќе се набави мебел за најголемиот студентски дом „Гоце Делчев“ и тоа за преостанатите два од блоковите за кои не е набавен, а веќе во тек е испорака на набавен мебел за ученичките домови – велат од МОН за Плусинфо.
Оттаму додаваат оти на владина седница во јануари, разгледана била можноста за обезбедување техничка помош од Владата на СР Германија за реконструкција на студентските домови и во таа насока.
– Министерството за образование и наука веќе работи на проценка, утврдување на потребите за реконструкции и нивната приоритетност. Дефинитивно, студентскиот дом „Стив Наумов“ е на листата со приоритетни објекти кои ќе подлежат на реконструктивни активности – нагласуваат од МОН откако вчера покрив од тоалет падна во соба во студентскиот дом „Стив Наумов“.