За случајот „Рекет“ се води финансиска истрага во повеќе насоки и се прибира доказен материјал, посочуваат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
– Воедно, дел од одземените електронски уреди се вештачат, а за дел се прават напори за декриптирање на пронајдените содржини – додаваат оттаму.
Од обвинителството посочуваат дека во интерес на постапката однапред не можат да објават што ќе преземат и кого ќе повикаат да даде исказ, но бидејќи станува збор за предмет за кој има голем интерес во јавноста, сѐ што може ќе споделуваат.
Во меѓувреме, пак, Фокус објави дека уште еден обвинител од СЈО за утре е повикан на распит. Станува збор за Бурис Рустеми кој го водеше случајот „Поштенска банка“, предмет за кој заедно со „Империја“, како што рече Лиле Стефанова, од страна на Катица Јанева бил баран извештај за штетата која е предизвикана односно сумата која осомничените треба да ја платат на државата, како и предмети за кои Јанева рекла да се затворат тука и никој да не оди во затвор.