За партијата или за народот?

Како министер за надворешни работи, 1991-1993, ги забележав првите симптоми на оваа болест. Бидејќи ги правевме првите чекори кон плурализам, а партиите сеуште не беа целосно етаблирани во политичкиот систем на државата, луѓето на врвот од МНР беа „нечии луѓе“.

2928

Веројатно ниту самиот министер за локална самоуправа Милевски не е сосема свесен каква оценка даде за нашата актуелна политичка ситуација, кога, на телевизија, предложи градоначалниците, со стапувањето на должност, да можат да донесат своја екипа општински чиновници. Причина?

Да не бидат изложени на саботажа од страна на оние кои ги поставил претходниот градоначалник од друга партија. Оваа констатација е запрепастувачка затоа што работата на локалните власти е најдиректно поврзана со подобрувањето на животните услови за граѓаните на државата, па може да се каже дека  партиите знаат и најдиректно да работат против интересите на сопствениот народ.  Се разбира, ништо подобро не е и на државно ниво, со таа разлика што полесно се елиминираат поставените од претходната власт а на нивно место се поставуваат лојалисти на победничката партија.

Стар е проблемот на односот на државната администрација кон претставниците на новоизбраната власт. Првата реформа на својата администрација во насока на нејзина професионализација и политичка неутралност, Британците ја почнале со закон донесен некаде во средината на деветнаесеттиот век. Крајната цел била, администрацијата да ја пренесува својата лојалност кон политичари чии програми добиле потврда на избори. Имено, во моментот кога ќе се конституира новата демократски избрана власт, администрацијата, почитувајќи ја волјата на народот изразена на избори, да се впрегне во реализација на програмата на победничката партија или коалиција на партии. Затоа, односот на државната администрација кон новата власт зборува за постоење или непостоење на демократска свест во едно општество. Очигледно, нашата свест не е на завидно ниво. Кај нас, прво е лојалноста кон партијата или кон некој политичар, а после државата.

Како министер за надворешни работи, 1991-1993, ги забележав првите симптоми на оваа болест. Бидејќи ги правевме првите чекори кон плурализам, а партиите сеуште не беа целосно етаблирани во политичкиот систем на државата, луѓето на врвот од МНР беа „нечии луѓе“.

Овој е човек на тој и тој, а оној на тој и тој, ќе ми шепнеше по некој свиркач, откривајќи ги тајните на институцијата во која што тукушто зачекорив и требаше да ја раководам. Раководењето, се покажа, не беше ни малку лесно затоа што тие службеници чувствуваа поголема лојалност кон нивните мецени во врвот на, дотогаш, единствената партија, отколку кон професор на универзитет, член на експертската влада избрана од претставниците на народот во парламентот. Се разбира јас знаев како стојат работите во теорија, но морав бргу да учам кави навистина се во пракса. А, во пракса беше дека лојалност кон државата беше преголема апстракција за администрација верна кон партијата и кон нејзините претставници. Згора на ова, и во моменти кога заедничката држава беше зафатена од етнички пожари кои опасно се приближуваа кон Македонија, службениците остануваат примарно заинтересирани за личната промоција на позиција во Министерството или за материјална компензација на селидбените трошоци на оние во југословенската дипломатија кои требаа да се вратат дома. И во право е Милевски кога зборува за саботажа и за саботери. И тогаш, пред скоро триесет години, имаше опструкции, најчесто во форма на пасивност (инерција, беше употребуваниот збор) на администрацијата, за мене толку неразбирлива во време кога нашите животи и животите на нашите семејства беа во прашање. Но, таква е човечката природа.

Длабоко убеден во исправноста на демократските постулати кои наложуваат администрацијата да ја пренесува својата лојалност кон секоја нова власт избрана на демократски избори, но свесен дека за тоа ќе треба многу повеќе време од мојот мандат, се помирив дека ќе морам да ја терам работата на два колосека. Едниот беше спориот колосек на градење на институцијата Министерство за надворешни работи. Вториот беше брзиот колосек кој бараше секојдневно да се одговара на предизвиците на меѓународната политика, наложувајќи ми да се опкружам со четири-пет соработници во кои имав доверба дека ќе туркаат со мене во иста насока.

Спорото темпо на развој на демократската свест како да бара слично поведение и денес. Имено, во никој случај не треба да се запостави долгиот процес на градење на професионална политички неутрална администрација која ќе ја пренесува својата лојалност кон избраниците на народот, ниту со закон да се санкционира состојба спротивна од оваа генерална насока давајќи им право на градоначалниците, одново и одново, да носат со себе нови екипи администратори. Белким во постоечката администрација ќе може да се најдат грст службеници лојални на политиката на новиот градоначалник.

Ако нема такви луѓе, тогаш не само што не заслужуваме да имаме локална самоуправа, туку прашање е колку заслужуваме да имаме држава.

Колумната е преземена од Инбокс 7

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...