Владата ниту ја потврдува, ниту ја демантира информацијата што во текот на вчерашниот ден се појави во одредени медиуми дека најновиот македонски предлог за името во преговорите со Грција бил „Република Илинденска Македонија“.
„Како што изјави премиерот Зоран Заев во последната фаза од преговорите, од македонска страна се презентирани повеќе опции за можни решенија, а за една од нив потврдено е дека може да биде прифатлива и за двете страни“, денеска соопштија од Владата за МИА.
Ставот е речиси идентичен од искажаното од премиерот Заев на вчерашната прес конференција во Софија.
Владата, меѓутоа, за МИА соопшти дека „нема да следат натамошни коментари за темата, бидејќи за текот на преговорите прво треба да бидат информирани претседателот на државата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и другите лидери, што ќе се случи во скоро време“.