За (не)легалноста

568

Една од можните дилеми, иако де факто можеби најневажна, некако се разврзува низ предлози на јавноста. Има, на пример, предлог (не знам дали смеам да го „откријам“ предлагачот!) кој што сугерира дека криминалните прислушкувани разговори треба да се „складираат“ во Музејот на криминалистиката во Идризово, заедно со уште (околу) 3.000 други експонати од криминалиситички тип. И тоа во принцип не е лош предлог.

Како што на барабите снимени на тие разговори местото им е во Идризово, или некој друг македонски затвор, зошто и нивните кримогени муабети не би припаѓале во тој Музеј? Сепак, не знам на пример дали овој Музеј е дел од националната музејска мрежа во РСМ. Мислам – не. Не дека е тоа којзнае колку важно, ама сепак битна е неговата системска поставеност, локацијата на музејот, неговите стручни/професионални капацитети за бавење со таа дејност, процедурите/протоколи за чување на тој тип на материјали итн. И конечно: контролата врз неговата работа!

Иако, би рекол, дотичниот материјал не е самокриминален, и тоа е основната разлика меѓу овој материјал и останатиот складиран во тој Музеј. Не е само криминален бидејќи овде, повторно, не станува збор за материјали обезбедени преку ПИ мерки или пак материјали на разноразни ситни шверцери или покрупни, па и најкрупни криминалци со кои врие оваа држава. Не, зашто овде станува збор за екс-премиер, екс-министри, екс но и актуелни пратеници, едно чудо таканаречени бизнисмени – ене, гледајте го и соопштението на двене „госпоѓи“ од Сојузот на стопански комори! – што ќе рече дека говориме за криминал од највисок политички и економски врв во земјава. Не дека нешто посебно го делам криминалот на ваков или онаков, ама сепак мислам дека овие криминалци актери во оние (нелегални!) прислушувани материјали се криминалци со посебно „педигре“, од особена важност за историјата на државата.

Инаку, еве уште една претпоставка: утре, на предлог на Владата, сиот тој материјал може (не дај Боже) да биде уништен. А веќе задутре истите бараби да се кандидираат на некои следни избори за истите функции што ги користеа за пљачкосување на државата. (Впрочем, тоа и ни се случи и на минатите парламентарни зибори: дел од истите криминалци повторно станаа пратеници! Што се должи, ќе се осмелам да речам, на недоволното/несоодветното користење во кампањата токму на докази од ваков тип). И – како утре ќе докажувате дека станува збор за криминалци а не за политичари, за бараби а не за стопанственици, за превејани крадци намачкани со сите бои а не сериозни граѓани на оваа земја кои заслужуваат да бидат бирани, и избрани на какви и да се избори? Има некој одговор на ова, или само ќе креваме раменици? Многу би сакал да ги чујам можните одговори, иако знам дека нема да чујам ниту еден! И токму заради тоа, токму заради таа нетранспарентност, таа неотчетност, таа некомуникативност со јавноста ни се случуваат (и) овие работи.

Како и во случајот со Охрид и оној глупав – сега повлечен – закон, како и за едно чудо нешта за кои што сегашнава власт, за жал, се посипува со пепел токму заради избрзани и често некомпетентни одлуки. Или некој сака да ни каже дека никој, ама баш никој во власта не знаеше за актуелните случувања во случајот наречен „Рекет“? Ако пак навистина е така, тоа многу лошо говори за власта, говори дека некои инстанци ама баш не си ги вршат ниту основните работи! Но, сигурен сум дека безмалу никој не обрнал внимание на фактот дека уништувањето на (нелегално?) прислушуваните материјали од вчерашните криминалци утре, реално, (повторно) прави легитимни политичари? Или токму тоа е намерата? Не сакам тоа да го тврдам, ама нештата одат во таа насока. Зошто, и кому тоа му одговара?

Од друга страна, да не остане некажано, сосема јасно ја разбирам, и ја почитувам, идејата односно образложението за нелегитимно/нелегално прислушкување на граѓани на оваа држава. Но, повторно – но: има неколку битни нешта што мора да се појаснат, барем за овој мој предлог за (делумно) неуништување на прислушкуваните материјали. Прво, нелегално прислушкуваните разговори на сите („обични“) граѓанин односно оние кои не биле во тоа време функционери плаќани од буџетот на оваа држава треба да бидат, се разбира, уништени. Тоа биле/се приватни разговори кои што апсолутно не се од сегашен и/или иден интерес на историјата/државата. Но тоа не е исто и не може да биде исто и со оние веќе спомнувани високи државни функционери кои секојдневно ги слушавме во т.н. „бомби“ и чии што криминали се апсолутно дел од оваа современа историја што мора да биде зачуван! Или, понатаму, ако сакате, зошто тогаш формирањето на она СЈО, какво-такво, зошто сите постапки, судења, пресуди (колку-толку) … и сето тоа засновано врз (нелегално) прислушкуваните материјали, кога веќе утре тие материјали ќе бидат уништени?

Или, уште понатаму, ако баш сакате, што со оние материјали (од истиот тип) кои сѐ уште не дошле на ред – заради редица (јасни или нејасни) причини – а се однесуваат дури и на потешки дела, како на пример случајот „Монструм“, или „Диво насеље“, или и „полесни“ дела слични на оние кои што веќе беа процесуирани? И тие ли државата глатко ќе ги даде на уништување дури и покрај ветувањата за нивно расветлување? Ќе останат ли тие случаи, дел од нив навистина тешки, најтешки, големо црно петно на македонската политика и историја на оваа деценија само заради отсуството на нашето чувство за право и правда, за историја, за документирана државност итн.?

Второ: кога велиме нелегално прислушкувани материјали по аналогија првата асоцијација е дека тоа прислушкување го правеле некои странски служби, или некои домашни криминалци заради разноразни нивни цели, или некакви други политички субјекти (повторно за нивни цели). Што не е точно, нели. Тие прислушкувања ги вршела „легално“ избрана македонска власт! (Наводниците ги ставам за да го потенцирам легитимниот сомнеж во легалноста на нивниот многукратен избор, ама ако добро паметам за тоа никој од нив не бил / е обвинет, освен еден – ај да не речам минорен – случај). Значи, што е тука нелегално? Фактот што немале писмен налог од легитимен орган за тоа прислушкување! И овде потенцирам еден збор, тоа е зборот писмен налог во смислата на парче хартија со потпис и печат, ама сигурни ли сме дека немало и друг тип соодветен легитимен налог од легитимен орган/поединец? На пример – устен? Или мислиме дека службениците кои го вршеле прислушувањето можеле/смееле да одбијат таков вид налог? Сакам да кажам, ако тоа прислушкување го вршеле македонски институции, по налог (нека биде и устен) на македонски функционери, а со знаење на целата врхушка на власт – зошто инаку онаа барабана ќе говореше во шифри ако не знаел дека е прислушкуван? – тогаш што е тука нелегално?

Трето, јас би одел и чекор подалеку: што ако тие материјали беа дибидус нелегални односно ни беа дадени од некоја странска служба? Пријателска, се разбира, белки имаме и такви. Ние, бидејќи тогаш матетеријалите ќе беа навистина нелегални, немаше да ги користиме, објавиме, процесуираме …? Не? А ако денес, утре, ни стигне дојава повторно од пријателска тајна служба дека некаде се подготвува „Диво насеље 2“, ние пак ќе се правиме на триипол? Пак ќе пратиме полицајци да гинат? Толку за „нелегалноста“. Иако има уште нешто, поактуелно: ако е точно, ако е навистина точно дека материјалите за случајот „Рекет“ се прибавени со помош на една соседна странска служба, нели се и тие нелегални?

Инаку, онаа будала гувернер на Порторико е присилен на оставка заради објавена ЛИЧНА кореспонденција во која што навредува сѐ што ќе стигне, па и оној Рики Мартин! Да не беше гувернер, ќе имаше последици?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...