Министерството за економија прима барања за субвенции со лански печат

Од Министерството за економија уверуваат дека нема да има проблем при апликациите и покрај тоа што поради техничка грешка датата на печатот е од лани.

508

Печат со дата од 2018 година деновиве им бил ставен на граѓани кои аплицирале за субвенции за печки на пелети во Министерството за економија, дознава Плусинфо.

Граѓаните го забележале погрешниот датум на печатот дури откако се вратиле дома, па сега се загрижени дали поради оваа грешка може да останат без субвенции.

Плусинфо побара одговор од Министерството за економија, од каде што рекоа дека во нивната архива е направена техничка грешка.

– Се работи за погрешна година на печатот со кој се заверуваат апликациите, но датата е точна. Техничката грешка е направена само на мал број апликации и е отстранета. Овие апликации влегуваат во изборот бидејќи датата и часот на аплицирање, но и името на апликантот, се заведени во Архивата и нема да има никаков проблем, ниту пак ќе бидат исклучени при објавување на листата на добитници на субвенции за печки на пелети – рекоа оттаму.

Триесет милиони денари се предвидени за субвенционирање на лицата кои сакаат да купат печки на пелети. Годинава, првпат половина од вкупната сума, односно 15 милиони денари се предвидени за субвенционирање на ранливите категории на граѓани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...