Академијата за боречки спортови и вештини „ЗА НЕД ДО” од Битола на покана на Грчката федерација за боречки вештини во периодот од 17 – 18 Ноември 2018 година учествуваше на 7-тиот Интернационален и 11-тиот Сегрчки шампионат за боречки вештини и спортови “Мигдониа” 2018-та кој се одржа во Солун.
На Интернационалиот натпревар и шампионат кој се одржа во спортската хала на ПАОК во Солун, учествуваше и нашиот тим кој ја претставуваше Република Македонија при што освоени се 12 златни и еден сребрен медал.
На натпреварите учество зедоа членки од држави од светот и регионот на Балканот како и над 150 клубови од домаќинот со над 2.000 натпреварувачи, додека македонскиот тим беше составен од 8 натпреварувачи кои се натпреваруваат во повеќе дисциплини.
Комплетниот состав на македонската делегација во која беа и членови и родители ја предводеше главниот тренер на Академијата “ЗА НЕД ДО” трикратнот светски првак во екстремна самоодбрана, Дијана Неделковска.
– Ние на шампионатот “Мигдониа” кој за грчките боречки спортови и вештини е буквално најголем настан во текот на годината, настапуваме веќе петти пат.
Голема чест ни е што Грчката федерација за боречки вештини не кани на настан на кој во основа нема грчки клуб или академија кои не учествуваат. Воедно се одржува и интернационалниот натпревар. И на двата настани Академијата „ЗА НЕД ДО” години наназад се враќа како најнаградуван преставник на земја членка на Светската Федерација за боречки вештини.
Годинава, традиционално поради финансиски проблеми Академијата беше приморана да состави мал но компактен тим. Тргнавме со осум натпреварувачи, очекувањата како и секогаш беа посветени кон професионалниот технички дел во борбите и демонстрациите, а победите т.е. 13-те медали беа само потврда дека патеката по која чекориме е исправната.
На нас е да продолжиме во нашата спортска мисија, во која се промовира највисоко на пиедесталот Академијата, Битола и Македонија, на институциите е дали ќе не испочитуваат како што е редот – изјави Дијана Неделковска – главен тренер на Академијата „ЗА НЕД ДО”.