За НАТО не се стравува од нова Франција, туку од старата ВМРО-ДПМНЕ

Во пресрет на НАТО Самитот досега не се појавил ниту еден „нон пејпр“ кој би го отежнил патот на земјава кон Алијансата, но претставници од власта стравуваат дека скриениот мотив за кочењето на ДИК, чие формирање го условува одржувањето и распишувањето на референдумот, можеби е барањето амнестија за 27 април.

2259

Поканата за членство во НАТО формално ќе биде испорачана во средата попладне. Најверојатно, формулацијата за Македонија ќе биде истата како во поканите што во 2008 година ги добија Хрватска и Албанија, а во 2015-та и Црна Гора. Веќе наредниот ден Македонија ќе седне на заедничка маса со сите земји членки на состанокот за Авганистан, а ќе биде и една од потписнички на договор кој ќе се однесува на поефикасно справување со муниција.

Меѓутоа, поканата е само првиот чекор, последниот е ратификацијата на нашето членство во сите 29 земји членки, а некаде на средина се нашите обврски меѓу кои и спроведување на референдумот и уставните измени.

По поканата во среда, Владата со писмо до НАТО ќе одговори дека ја прифаќа и оти има намера да ги почитува обврските, а квартално (на секои три месеци) ќе го известува НАТО што е направено. Како што налагаат формалностите, откако ќе завршат пристапните преговори ќе добиеме т.н. покана за потпишување на протоколот за членство што ќе значи и старт на ратификацијата во земјите членки. Рамноправна членка ќе станеме моментот кога и последната држава ќе го ратификува членството. Дотогаш, од потпишувањето на протоколот за членство ќе присуствуваме на сите состаноци на НАТО, но нема да имаме право на глас. Нема да седиме на маса со другите членки само во одредени исклучоци, како што е на пример, состанок за членство на некоја друга држава.

Ова беше кажано на денешниот брифинг со новинарите на министерката за одбрана Радмила Шекеринска и националниот координатор Стево Пендаровски, пред заминувањето на македонската делегација на Самитот на НАТО.

За Грција да го ратификува македонското членство, како што е познато, ние ќе треба да имаме успешен референдум и уставни измени. И грчката и македонската страна се убедени дека во тамошниот парламент има мнозинство кое ќе гласа „ЗА“.

Македонската делегација не стравува ниту од тоа дека во Брисел ќе ни се случи нова Франција, како на Самитот на ЕУ. Националниот координатор Пендаровски посочува дека досега ниту една земја не дистрибуирала некаков „нон пејпр“ и оти ситуацијата со НАТО ни малку не наликува на она што беше со ЕУ.

Шекеринска, пак, истакнува дека и францускиот претседател Емануел Макрон на средбата со премиерот Зоран Заев во Софија испратил јасна порака за поддршка во НАТО.

Министерката вели дека изминатите месеци добро се подготвувале и не очекуваат дека покрај исполнување на Договорот со Грција ќе има други крупни прашања чие решавање ќе претставува посериозен проблем.

Таквите услови се нормална процедура на патот кон НАТО (повеќето од техничка природа), посочува таа, наведувајќи ја како пример и последната земја-членка Црна Гора од која се бараа сериозни реформи во разузнавањето.

Меѓутоа, целиот процес може да закочи во исполнувањето на домашните обврски. Помеѓу нив и спроведување референдум и уставни измени.

За да има референдум треба да се формира Државната изборна комисија (ДИК), а за да има ДИК, од ВМРО-ДПМНЕ треба да закажат седница на собраниската комисија.

– По барање на ВМРО-ДПМНЕ го сменивме составот на ДИК која ќе биде со нивен претседател. Сега зборуваат дека за да изберат ДИК треба да има измени во Законот за Влада со цел пред избори да се формира техничка влада како што беше случајот со Пржинскиот договор. А ВМРО-ДПМНЕ е таа која бараше само премиерот да биде тој кој што ќе си оди три месеци пред избори… Стравуваме дека вистинскиот мотив е амнестија за 27 април, повеќе за оние кои го организираа и оние кои се обвинети во неколку други предмети – рече Шекеринска одговарајќи на новинарските прашања поврзани со тоа што ако се одолговлече целата процедура за членство во НАТО со блокирањето на ДИК и што ако условот на опозицијата биде амнестија за „крвавиот четврток“.

Инаку, амнестија за 27 април, е нешто што го побара и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од вчерашниот марш во Струмица, но тој досега го нема споменато тоа како услов да не го бојкотираат референдумот или да не ги кочат евроатланските процеси. Закон за амнестија за овие настани своевремено најавуваше и стариот лидер на партијата, Никола Груевски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...