За мрчаторите

Некои од мрчаторите повеќе го мразат Заев, одошто сакаат да се интегрираат во ЕУ и НАТО.

3436

Растргнати помеѓу општо декларираната политичка волја за евро-атлантски интеграции и потребата до таму да се стигне по пат на компромис со Грција, влегуваме во фазата кога сите мораат јасно да ги декларираат своите политички позиции – нешто ќе мора да се даде!

На една страна е Заев кој од петни жили се труди да најде некое достоинствено решение, распнат помеѓу грчката страна (која и самата е компликувана до бескрај, ама тоа, да речеме, до некаде, не е наш проблем) и колекцијата од домашни политички и јавни фактори кои го немаат огромниот притисок што се врши врз Заев за да испорача решение, и тоа не кога било во наредните 100 години, туку во одреден временски рок кој се броеше со месеци, а сега се мери во недели.

Во таква ситуација, опонентите на Заев мислат дека имаат простор, без морални и политички последици, да мрчат, да кочат и да „предупредуваат од високо“ (!) на секој чекор од овој – да, непријатен – процес: те преговорите не се транспарентни, те имињата што се во оптек не им се допаѓаат, те имало црвени линии кои ни тие не ги знаат, те и кога е веќе обезбедена гаранција за „идентитетот“ тоа ним не им е по ќеф бидејќи вратоврската на Заев е криво наместена, па името го дадовме ама Уставот не го даваме (оти е изработен од гравиран камен), па биле пробиени преговарачките протоколи кои, пред 25 години, биле поинаку поставени… И така до бескрај!

Некои од мрчаторите повеќе го мразат Заев, одошто сакаат да се интегрираат во ЕУ и НАТО. Други, пак, свесно и систематски работат на блокирањето на интегративните процеси на земјата кон Запад. Би им дигнале на Грците уште еден стометарски споменик во центарот на Скопје, само ако тие стават вето и на овој напор за надминување на спорот.

Но, гледате, голем дел од јавноста како да има точна проценка за искреноста на овие два вида на актери: маса луѓе го прифаќаат Заев како несовршен политичар со нормални човечки маани (со што ги потсетува на самите себе), но збирот на комбинираната јавна доверба што ја имаат во неговите опоненти (Иванов, Груевски, Мицкоски) на Заев не му доаѓа ни до колена, со поддршката што му ја даваат нему и тоа, се чини, пред сè, заради напорите да се справи со решавањето на проблемот со името.

На кратко: општественото мнозинство нив ги смета за обични политички калкуланти; него, пак, за храбар човек со некаква визија и мисија, подготвен врз себе да преземе неопходен ризик за остварување на таа визија и мисија. Во Холивуд, кога во иста реченица ќе ги спомнете зборовите храбар, визија, мисија и ризик, обично станува збор за опис на херојот во акциската драма.

Сепак, нашиот проблем е што сме се изнагледале холивудски филмови во кои и јунаците гинат, особено во историски костимирани драми, како нашава. А потоа повторно ќе им дојде времето на нашите локални антихерои со сомнителни морални стандарди и проблематични политички инспирации. Како во шпагети вестерните на Клинт Иствуд.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...