Во право се сите оние (како историчарот Т. Чепреганов, на пример) кои тврдат дека придавката „национал-ен, -а,- о“ не може да биде замена или, барем добра замена, за придавката „македонски“. Зашто? Затоа што секој основец ќе ви рече дека придавката за припадност „македонски“ се изведува од именката „Македонија“, додека пак придавката „национален“ од именката „нација“. Тие две именки се различни не само по нивната содржина (супстанца), туку и по нивната форма: „Македонија“ е лична именка и затоа се бележи со голема буква; „нација“ е општа именка и затоа се бележи со мала буква.
Многу поинаку стојат роботите со „македонски“ и „на Македонија“ или на „Северна Македонија“. Придавката „македонски“ и синтагмата „на Македонија“ – комбинација од предлог и лична именка се две форми кои упатуваат на една содржина. Или, „македонски“ е синтетичка форма на „на Македонија“, како што „на Македонија“ е аналитичка на „македонски.“ На друг (учен) начин го изложува и образложува тоа теоријата на Л. Хјелмслев, еден од големите следбенници на Ф. Сосир, татко на модерната лингвистика. Таа теорија ригорозно разликува супстанца на формата од супстанца на содржината. Во духот на таа теорија треба да се рече дека „македонски“ и „на Македонија“ имаат различна супстанца на формата, но затоа пак иста супстанца на содржината. Уште поедноставно кажано, „македонски“ и „на Македонија“ се ознаки за иста работа со различни зборови. Дури и не многу различни, во нашиов случај.
Кој би бил мотивот да се избегнува веројатната (добра) намера да се употреби, на пример, изведенка „северно-македонски“ од сложенката Северна Македонија (на пр. Северно-македонска радио-телевизија)? Некој компромис-отстапка за сите оние кои велат дека губиме „институционален идентитет“? Да им се каже, макар и на мек, индиректен начин, дека и оние кои се согласиле на компромис со Грција за името на државата не се многу среќни со новото име? Наивна и неука увереност дека „национален“ е ако не најдобра, тогаш најмалку лоша од сите други лоши замени за „македонски“?
Ако е првото во прашање („губиме институционален идентитет“), тогаш стручните советници било на премиерот, било на Владата подзаборавиле дека струката (наука) е бескомромисна наспрема политиката која живее од и за – комромиси. Зошто? Затоа што или е вистина дека „македонски“ и „на Македонија“ се две форми за иста содржина како што вели учената лингвистика, или е вистина дека „национален“ и „македонски“ ако не сосем, тогаш значат барем приближно исто. Трето нема затоа што науката работи со „или…или“.
Ако е второто во прашање („не се многу среќни“), тогаш ќе треба да се рече дека и премиерот и Владата добиле добри совети од своите „стручни служби“ но затоа пак процениле дека има многу добри „политички“ причини кои налагаат, барем во овој момент, да се прибегне кон замената „национален“ за придавката „македонски.“ Во таа проценка може да има и многу прагматична калкулации. Ама, од друга страна, која политика не калкулира? Не само затоа што има некоја голема склоност кон калкулации, туку, во прв ред затоа што категориите „корисно и штетно“ се душа на секоја политика. Тоа не значи друго освен дека се работи за една калкулантска, за душа која знае да – калкулира!
Ако е третото во прашање („наивна и неука увереност“), како што јас мислам дека е – нема да се претера ако се рече дека ни тоа не треба да изненадува. Барем не којзнае – колку. Не треба, затоа што ниту Владата (и власта!) се потресува многу со „службенииот јазик во јавна употреба“, а ниту пак стручните установи (Одделението за јазик во МАНУ, Катердата за македонски јазик на Филолошкиот факултет, Институтот за македонски јазик) покажале некоја иницијатива (одвреме-навреме се мешаат во јазичката политика што ни не е нивна работа) некоја сериозна и силна волја да го бранат и одбранат својот професионелен и научен идентитет и интегритет.
Тоа што досега го кажав се уште не значи дека политиката на Заев треба повеќе да ги слуша своите советници (во случајов за јазик, ако ги има!), а помалку да се слуша себеси. Не значи дека треба да им стане роб на своите советници, како што не значи ни дека треба да ги – пороби. Значи само дека би било добро, барем во овој случај, ако ги послуша. Се разбира, ако ги има и ако веќе му го рекле тоа што им било должност да му го речат.