Специјалното јавно обвинителство и одбраната во случајот „Тенк“ за набавката на „мерцедесот“ на денешното рочиште ги прошируваат листите со докази. Никола Груевски преку неговите адвокати побара преку судот да се обезбедат информации за стариот „мерцедес“ за тоа колку бил во исправна или неисправна состојба, колку пати бил носен на сервис и колку време се чекало за набавка на делови. На минатите рочишта преку сведоците тие докажуваа дека стариот „мерцедес“ често се расипувал, не бил безбеден и набавката на нови возило била неопходна.
Обвинителот од СЈО Стевчо Донев за ваквото барање смета дека е ирелевантно бидејќи старото возило не е предмет на обвинение. Судот го одби ова барање меѓу другото поради тоа што одбраната веќе тоа го изложила во текот на главните расправи и имала сведоци за тоа, како и поради тоа што ова возило не е предмет на постапката.
Покрај ваквото барање, одбраната на Груевски упатила и друго до Општина Новаци, но на рочиштето не беше појаснето за какво барање станува збор. Неофицијално, одбраната сака да посочи со пример дека нема ништо спорно во набавката и оти таква постапка за набавка била спроведена и во други органи.
– За барањето што е упатено до Општина Новаци сметам дека е ирелевантно е дали некој друг орган спровел некаква постапка – рече обвинителот.
Судот го одби и ова барање. Исто така, на денешното рочиште како дополнителен доказ ќе се изведе и известување кое до судот го доставила „Макaуто стар“. Известувањето, рече обвинителот од СЈО, кое одбраната на Груевски не го предложи како доказ, ќе го предложат тие бидејќи, според него, е корисно за побивање на тезата на одбраната дека секој можел да увезе возило од каква било марка. Овој предлог доказ на одбраната беше прифатен од судот.
Во продолжението од рочиштето на ред дојдоа и дополнителните докази на СЈО меѓу кои мејл комуникацијата меѓу македонската и германската фирма за набавка, за тоа кој ги користел телефонските броеви итн. Адвокатите на Груевски бараат да се отфрли мејл комуникацијата бидејќи, според нив, не постои поврзаност меѓу фактите што треба да се утврдат во постапката и зашто таа претставува вообичаена комуникација.
За доказот од Телеком одбраната бара да се отфрли бидејќи немало точно лоцирање на одредени броеви. На минатото рочиште судијката Добрила Кацарска им порача на странките по изведувањето на дополнителните докази да се спремаат за завршни зборови, но неизвесно е дали тие ќе се кажат на денешното рочиште. Во моментов се очекува судечкиот совет да се произнесе дали ќе ги прифати дополнителните докази од СЈО.