Бугарија треба да бара интензивни контакти и дијалог не само со Владата на Република Македонија туку со сите останати институции како со претседателот, така и со Народното Собрание и со опозицијата. Тоа е начинот навистина да имаме конструктивни, добрососедски и пријателски односи, изјави бугарскиот претседател Румен Радев, прашан како го коментира откажувањето на средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов од страна на бугарскиот премиер Бојко Борисов.
– Мислам дека кога повикуваш други да водат дијалог самиот не треба да бегаш од него. Се надевам дека нашите приоритети за Западен Балкан нема да се сведат само на прегрнувањата. Треба да докажеме лидерство и одговорност во тешки моменти – изјави бугарскиот претседател Румен Радев на заедничката прес-конференција со претседателот Иванов.
Претседателот Иванов постапката на Борисов ја оцени како заземање страна, што не придонесува за конструктивност и соработка.
– Тоа е негова одлука и негова е одговорноста. Затоа што тој не е само премиер на Бугарија, туку и на земја која претседава со ЕУ. Европската Унија секаде промовира дијалог, конструктивност, отвореност и соработка така што со тој негов гест само зазема страна и не го остварува тоа што е и цел на членување и претседавање со ЕУ – изјави Иванов.
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска престојува во официјална посета на Република Бугарија, а утрешната средба со премиерот Бојко Борисов му е откажана.