За завршни зборови за „27 април“ Рускоска ќе чека Апелација да пресече за амнестијата

276

Денешното рочиште за случајот „27 април” се одложи затоа што Апелацискиот суд во Скопје треба да одговори на жалбите на обвинетите кои не добија амнестија. Тогаш тие решенија ќе станат правосилни со што нема да има пречка судечкиот совет на чело со судијката Добрила Кацарска да продолжи да го води предметот во својата завршница.

– За дел од обвинетите за кои барањата се одбиени решенијата сѐ уште не се правосилни. Колку што сум информирана решението за Горан Ѓошевски Леви е со техничка грешка и е вратено на повторно одлучување кај Кривичниот совет, а обвинетиот Мунир Пепиќ бара и јавна седница за жалбата, а таа сѐ уште не е закажана во Апелација. Додека сите решенија не станат правосилни постои законска пречка овој совет да продолжи со работа – рече Кацарска.

Следното рочиште таа го закажа за понеделник на 21 јануари. Поради тоа денеска во судница не беа спроведени деветмина од обвинетите кои се наоѓаат во куќен и затворски притвор.

Во судница присуствуваа само осумина од оние кои не добија амнестија, како и Сашо Марковски за кој постапката е одвоена. Меѓу оние кои се појавија денеска во судот беа и Митко Чавков, Душко Лазаров и Митко Пешов од МВР, како и оперскиот пејач Игор Дурловски и началникот на обезбедувањето на Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски Леви.

Инаку во овој случај амнестирани се: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.

Додека амнестија не добија: Горан Јошевски-Леви, Александар Василевски-Нинџа, Горанче Ангеловски Ќосето, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Никола Митревски-Кољо, Вилијам Михајловски, Митко Пешов, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Младен Додевски, Влатко Трајков и Оливер Поповски.

Петмина пак воопшто не побараа амнестија: Митко Чавков, Душко Лазаров (дежурен во оперативниот штаб на 27 април), Игор Дурловски, Јане Ченто, Игор Југ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...