За е нешто, бојкот и против е ништо

Можеби, во некоја лична, интимна состојба, и јас мислам дека Македонија треба да се држи понастрана од НАТО, ама ова не е прашање за мојата „интимност“, туку ова е едно од најважните јавни прашања пред кои е исправена нашата земја.

783

Сакав овој почеток на септември да пишувам како го поминав „летниот распуст“, кои книги ги прочитав, колку беше влажно, врнежливо и ветровито. Знаете, сакав да бидам тривијален, патетичен, сакав да пишувам за „обични“ теми. На прашањето „Како си“, испалував: „Се влечкам. Зомбиран. Боли секое ковче“, ама не може човек за тоа, натежнале случки, навјасале настани. Ред е да објасниме што е тоа што ни претстои: за фамозниот референдум и фамозниот „анти-НАТО“ во голема мера е речено се. Или можеби не е? Ги погледав сите дебати, коментари, изјави, барем оние за кои имав желудник и, како да ви кажам, хм… ми недостига искреност, за почеток.

Ги гледам (и читам) сите луѓе кои сакаат да боjкотираат: луѓето, пак, кои се „за“ прилично солидно ми се познати и, очигледно е дека разликуваат што е пиштол, а што пушка. Во таа смисла, што воопшто значи нивното мислење кога ни се вели дека Македонија треба да пристапи – или кој за тоа треба да одлучи за Македонија да се приклучи на еден „воен сојуз“?

Можеби, во некоја лична, интимна состојба, и јас мислам дека Македонија треба да се држи понастрана од НАТО, ама ова не е прашање за мојата „интимност“, туку ова е едно од најважните јавни прашања пред кои е исправена нашата земја. А, кога ќе се погледне историјата на Балканот, кога ќе се погледнат деведесеттите, Вуковар, Сребреница и Милошевиќ, само будала може да биде против влез на земјава во НАТО. А дали треба да организираме референдум за промена на името, односно да дадеме поддршка на договорот со Грција, ако мене ме прашате – не треба; наместо тоа, треба владата македонска да издејствува јасно парламентарно мнозинство и работата е завршена.

Светоназорни преференции

Но, ајде да видиме за што овде всушност се работи, драг Вотсоне! Кога човек ќе рече „јас сум за НАТО“, или кога ќе рече „јас сум за Македонија во Европа“, тоа значи дека се работи за рационален интерес на земјата Македонија; од друга страна, губитнички е да се биде декларативно „за“ или „против“ за огромното мнозинство граѓани, било да се „обични“ или „јавни“, што значи кога човек се изјаснува „за“ или „против“, тоа е исто како да се наоѓате на пазарче во Кавадарци, тоа е само еден „стејтмент“ (читај, потврда): а суштински треба да биде обзнанување на сопствените политички и светоназорни преференции.

Имено, општествениот комформизам (овде во контекст на Македонија; на друго место може да биде поинаку) е сила која природно ве влече кон анти-НАТО. Зошто е тоа така се прашувате? Затоа што да бидеш анти-НАТО е неподносливо лесно, и тоа не само поради лигавата и во основа подла „реторичка емоција“ на тоа прашање низ завивање на не баш романтичните спомени во минатото.

Но, да се задржиме токму на таа „мината“ точка. Приказната дека не треба да се зачлениме во НАТО и да го промениме името (односно да го решиме билатералното прашање со Грција): сите тие луѓе кои денес врескаат „против“, беа „за“ кога беше на власт несреќниот Груевски, дури, не беа ниту бесни, такаречи не убедуваа дека со промена на името дефакто нема да се промени македонскиот идентитет. Но, почитувани, работите се сведуваат на тоа дека „идентитетот е параван“ за „патриотите“, а суштински се работи за нешто друго. За што се работи, драг Вотсоне? Веќе погоре ви кажав: за темелното светоназорно прашање. Или попросто: за тоа дали Македонија треба да биде составен дел од „западниот свет“ или треба да биде „нешто друго“, додуша не се знае точно што и дали тоа нешто воопшто постои, само, нели, важно е да биде нешто „друго“?

Но, да се вратиме на блажениот социјален комформизам: на една „стилска“ страна базично е една иста реторика, онаа „десна“, ајде да ја наречеме национално-изолационистичка-конзервативна Македонија, која ионака е закрвавена на се што мириса на „капиталистичко-протестантско-јудео-масонскиот запад“, а НАТО тука му доаѓа како неспоредливо полесна мета (поради причините кои погоре ги издвоив) од, да речеме, Европската унија. На другата страна, верувајте ми на збор, кога би можел за не повеќе од десет минути – со високо ниво на релевантност да конструирам паралелна структура на „леви“ кои со задоволство би рекле дека се „анти-НАТО“ настроени, и на целиот тој спектар, би се нашло многу шаренолико друштвенце од лечени и неизлечени груевисти, титоисти, бивши и вечни шеесетосмаши, леви дисиденти разјарени од живописниот фенси-шменси антиглобализми, мамини и татини антикапиталисти кои герилски се борат на Фејсбук итн.

Го давам името

Па, добро, кој релевантен тука ни преостанува? Малку кој, затоа што да се залагаш за НАТО и за промена на име, нудење решение за спор што трае цели дваесет и осум години, тука, почитувани, нема ништо фенси-и-шменси, таквото залагање е типично „антипатично“, тоа самото те компромитира кај оние кои во политиката мислат „претполитички“ и „потполитички“, заради твоето залагање никој нема те тапка по рамена, нема да ти нарачува пијачка во кафана на негова сметка и да те смета за цар-човек. Таква е и тоа е „реал-политик“. Во тоа нема ништо што би ги импресионирало помодните блесави луѓе.

Па, добро, дали барем власта стои зад овој проект? Ако го слушате Заев, Македонија утре ќе оди во НАТО, ако, пак, го слушате Мицкоски нема никогаш, ама се е тоа лук и вода. Важно е што ќе рече Иванов, ама тој одбира да не каже нешто што би имало смисла, и така ќе биде уште за долго, а интелектуалниот плебс ќе се натега околу ова прашање и натаму како некаков шашав „паор“ околу својата меѓа.

И, добро, Јовановиќ, што тогаш ти ни велиш, на крајот ќе влезе ли Македонија во НАТО, дали ќе помине референдумот, односно дали ќе го признаеме договорот со Грција? Што е до мене, името го давам веднаш, а за НАТО: јас сум Македонија да влезе во НАТО, па ако истиот ден демонстративно излезат Данска, Холандија или Словенија, тие три грозни земји со грозно ниво на човекови права и граѓански слободи од сите видови, тогаш сум и Македонија да излезе од НАТО. Долу, море, империјализмот, браќа (од десно) и другари (од лево)!

 

„Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...