Читателот на овој печатен столб (популарно наречено „колумна“) знае дека авторот не живее исклучиво помеѓу четири sида, што значи дека се обидува да набљудува, дише и да мисли слободно. Сакам да кажам дека не сте слушнале за Стојан Маркоски. Не сум слушнал ниту јас – сè до денот додека овој текст се испишува. Маркоски е, имено, „обичен човек“, скромен провинциски пролетерски анонимус што ја работи својата професија и го живее својот живот, еден од оние „невидливи луѓе“ кои за медиумите воопшто не се интересни – освен ако во име на протест или бунт не си го отсечат прстот или нешто слично, ама тоа веројатно би било гест за еден изнуден и лажен „ворхловски“ момент; еве, да прашам, колку од вас се сеќаваат на сите оние несреќни луѓе кои маршираа на протестите, колку од вас се сеќаваат на сите оние „анонимни граѓани“, на нивната депресија и социјална безнадежност? – како и сите оние безимени луѓе кои живеат во оваа маргинална земја, луѓе за кои прв пат слушаме тогаш „кога тие ќе умрат“?
Национални предрасуди
Имено, ќе напишам една необична приказна за работникот Стојан Маркоски, човек кој добил отказ бидејќи требало да премине на работа во Грција, односно, во некоја од сестринските фирми на истиот компаниски систем (мултинационална групација), во која требало да ги подучува колегите за новите компаниски технологии или така нешто. Стојан Маркоски ми вели дека бил доброволец во војната од 2001 година и дека има проблем од „морална“ природа: „бев на боиште и гледав како се уништуваат моите соборци, а денес треба да работам во Грција, и тоа за луѓе кои го негираат сето она за кое тогаш се борев“. „Притоа“, ми вели Стојан, „јас се борев да работам во Македонија, а не некаде другде“. Гледате, во какви бизарни заблуди луѓето може да дојдат и да си го ризикуваат својот живот…
И така, Маркоски, испаѓа дека „заради Македонците и Македонија“ добива отказ и тоа во денешната самостојна и суверена Македонија за која се борел и крвца лиел. Не е тоа мала работа после четиринаесет години работен однос, не, се разбира, не треба да биде човек воопшто ироничен кон чија било судбина, па дури и кога таа ќе биде плод на онаа антипатична „самоискривена незрелост“ за која зборуваше стариот и добар Имануел Кант. Сега, претпоставувам, Маркоски С. ќе има вишок слободно време, па на мир ќе може да ламентира и да размислува што го снашло.
И, навистина, што го снашло Стојана и што ги снашло сите оние „стојани“ во оваа наша полураспадната и периферна земјичка која се наоѓа на рабовите од Европа, земја која беше дел од социјалистичкото царство и „мекиот“ титоизам, земја во која „сонцето вечно сјае и никогаш не заоѓа“? Го снашло, почитувани, капитализмот, ете тоа го снашло. А тој систем, како и секој друг, има свои правила, за кои – да ми простите – не дозволува многу забушавања и романтизирања (било да се трагични, било да се занесењачки). Не разбира Маркоски дека во 2001 година се борел и за тоа, а тоа што тој не е свесен за капитализмот, тоа почитувани е само негов проблем.
Имено, крвавиот распад на Југославија (намерно се враќам единаесет години пред 2001) и изумирањето на „социјалистичкото“ политичко-економско уредување (кое никако не можеше да го надживее историскиот контекст што го детерминираше), односно го „повнатрешни“ на шест-седум етнонационални ентитети; a токму тоа беше скриена желба на целото тивко мнозинство кое доведе нов шериф во нашиот градот и тој, сосема природно, донесе нови закони. Која било наднационална компанија денес да ја прашате, сигурен сум дека ќе ви одговори: „ние не може да се заебаваме со национални предрасуди“. И, да ви кажам, во право се наднационалните компании. Факт е дека капитализмот има мноштво гадни навики, ама никако не може да се поврзе со национални предрасуди, напротив. Едноставно тој е аздисан, користољубив, алчен, ама и таков капитализмот е десет скалила во цивилизациска смисла над „стојановата“ трибална визија на „ние“ и „тие“.
Компанијата пред сè
Има тука уште нешто. Крупниот мултинационален капитал во својата опсесивна потрага за профит, суперпрофит, мегапрофит и гигапрофит кон човечките судбини се однесува сосема безгрижно. Дел од таа приказна е и врескањето на сите вработени низ сите страни на светот во името на „светата фирма“. Судбината на Маркоски е нешто сосема друго; колку што го разбирам, тој себе се детерминира како „жртва на системот“ наведувајќи дека за својата непослушност, односно одбивање да работи во Грција, не дофрла ниту до најелементарниот цивилизациски праг.
Има тука, почитувани, некаква историска иронија. Замислете сега вакво нешто ако се случеше во времето на Јосип Броз Тито? Стојановото одбивање да работи „за своите партиски другари“ сигурно би го отерало в затвор, затоа што би можело да се третира како политички грев. Во капитализам „за политика“ никој не те прашува, приватно можеш да веруваш и во постоење на Дедо Мраз, ама не можеш да го рушиш прогресот на Компанијата со своето приватно плачење, втерувајќи ги твоите „национални“ предрасуди таму кајшто не им е место. Значи, отказ – чао аморе! А ти, потоа, така „откажан“, не мораш никогаш во таа Грција, слободен си човек, никој не те тера…
Светот на исчезнатиот и потонат социјализам – барем оној „мек“, титоистички – денес на многумина од нас им изгледа како изгубена Аркадија – беше еден вид систем во кој можеше на еден почовечки начин да се помине еден живот, во што има некоја вистина, а има и многу носталгија. Светот на капитализмот ни изгледа како машина која меле сè што ќе ѝ застане на патот. Тоа не е диоптрија која предизвикува симпатии ниту пријатни асоцијации. Безбројните наши потконтинентални „стојани“ го поминаа своето време низ разни „туѓмани“ и останати „милошевиќи“ во обид некако да се истресат еден од друг, и да створат некаков „хибрид“ во кој ќе можат да делуваат крајно „вдесно“ со предзнак на аутархичен нацишовинизам, а во „економска“ смисла крајно „в-лево“ со предзнак на „самоуправувачка“ утопија. Оти, јебига, како и овој несреќен Стојан, „се бореле да работат во Македонија“.
Никој, ама баш никој не им зборува и не им ја открива „страшната“ вистина: Македонија „воопшто не постои“, без разлика колку знамиња има, без разлика колку грбови и останати банални државо-имитирачки шлајшупки има. Постојат само групации кои „не може да си дозволат оптоварување со национални предрасуди“. Гледате ли, почитувани, сè е исто како и во времето на другарот Тито, само малку поинаку, со многу поефикасни средства во игра.