Поводот за овој текст, ако сакате наречете го „инспирација“, лежи во фактот дека пред неколку денови, поточно на 28 октомври се навршија пет години од смртта на двајца исти, а сепак страотно различни личности кои мене ми беа ужасно важни и личности кои во голема мера ја дефинираа онаа политичка и граѓанска сцена на целиот бившојугословенски простор. Едниот се викаше Срѓа Поповиќ, а другиот Александар Тијаниќ. И каква врска има македонското општество со овие луѓе? Практично никаква, освен, можеби, во нејзиното… Дозволете ми оваа сабота да се посветам на едниот, оној „адвокат со човечки својства“, а следната, ако даде Бог, ќе биде оној другиот, разулавен новинар и поранешен директор на РТС, Тијаниќ, го знаете, нели?
Ако ги занемариме стандардните животни факти: беше роден во Белград во 37-мата година од минатиот век, беше човек што потекнуваше од добростоечка адвокатска фамилија, неоптоварен со финансиски проблеми, силно образован и противник на секој вид доминантна идеологија, го красеше лично достоинство, човечност и интелектуален суверенитет, Срѓа Поповиќ ќе ни заличи на човек што не припаѓа на овој балкански континент.
Повеќе отколку голем адвокат
За волја на вистината, за мене лично тоа беше човек што немаше многу врска со своите сограѓани што го опкружуваа; велам, беше натпросечно образован, адвокат по професија, а таквата позиција во нашите мали и бедни паланки воопшто не се почитува, такаречи се презира, затоа што сите, дури и интуитивно, знаеја дека такво нешто повеќе нема да се повтори, практично како да се работи за некаков инцидент што повеќе нема да се случи затоа што ништо не му оди во прилог на таквото тврдење.
Во некои посредени, побогати, а можеби и посреќни култури постоеја писатели, филозофи, уметници, научници, кои го претставуваа човечкото достоинство, непретенциозно господство и суверен интелектуален отпор што го поробува човекот во име на што било „поголемо“ од него самиот. Од таква мала и бедна култура излезе еден Мазовјетски, Гомбрович, Колаковски… Има импресивни луѓе и во нашата балканска култура, не велам не, ама на дланка, да ги наброиш на прсти на една рака; останатите, кои би можеле да се кандидираат, секогаш нешто фундаментално им недостига, или во самата би(бли)ографија нешто би стрчело, би се појавила некоја гадна грпка поради која сепак не би можеле да конкурираат во такво друштво.
Затоа можеби еден беше најблизок, а кој по професија беше – може ли да замислите? – адвокат: човек од кој, поради некаков луд стереотип, не очекуваме некаква прониклива и интелектуална величина, па дури ниту морална или граѓанска величина кој ќе не oстави без здив, туку некоја релативно обична, „здраворазумска памет“ колку да ни се најде во неволја.
Срѓа Поповиќ беше голем адвокат, ама можеби нам тоа нема да ни значи многу: има и други големи адвокати, ама никому ништо. Но, Срѓа Поповиќ низ долги и тешки епохи беше многу повеќе од тоа: една од неколкуте релевантни константи на граѓанскиот, човечкиот, а дури потоа репрезент на професионалниот дигнитет во борба со силеџиската држава и парадржавните фаланги настапувајќи во име и за сметка на перверзните и патолошки идеологии, прво оние „леви“, а потоа и оние „десни“; ако ја гушнеше која било од нив, а против друга се побунеше, би бил само еден од сите наши, како да ги наречам, „дисиденти од втора лига“, а можеби и не би било тоа Срѓа Поповиќ. Би бил малечок и незначаен еveryman, еден од оние луѓе за сите режими и сите епохи.
Наместо тоа, во времето кое се нарекуваше социјализам или комунизам, Срѓа настапуваше како адвокат тврдоглаво инсистирајќи на слободарските прокламации на репресивниот режим и така погодувајќи го во најслабата точка, затоа што добро знаеше дека натегањето околу идеолошките прашања и останато метафизицирање со некој што во рака држи пендрек, не е баш од некоја особена помош.
Некаде во 89-та година, тогаш кога падна оној sид и кога на овие простори настапи дивјачки, разорен национализам, Срѓа беше еден од оние луѓе што меѓу првите разбраа за што тука станува збор. И во пркос на тие дивјаштва, Срѓа одеше до крај. Во таквото препознавање овој човек го посвети сиот свој животен век. За тоа сведочи неговиот јавен ангажман, покрај осумдесеттите, додека се спремаше големата Апокалипса (големата буква не е случајна), со несмален интензитет продолжи и во деведесеттите, од самоизбрана емиграција, па до двеилјадите, па сè до враќањето во земјата и градот што го познаваше и за него се грижеше многу повеќе од безбројните патриоти по општа пракса.
За идејата, не за човекот
За сето тоа сведочат неговите текстови и книги. Некои други култури, велам, го имаат Кундера, Жижек или Колаковски. За мене овој адвокат (човек што си го преземам за свој) влијаеше многу повеќе од сите оние што зборуваа и пишува, влијаеше толку силно што ми се чини дека никој така добро не ги пишуваше загатките во зборовите како што тоа го правеше Срѓа.
Не знам дали знаете, во Кавадарци секоја сабота ми носат еден примерок на белградско „Време“, првиот независен и приватен медиум што излезе во посткомунистичка Србија. Погодувате: Срѓа Поповиќ беше основач на неделникот „Време“. Никогаш Срѓа Поповиќ не влијаел во овој неделник, ниту посредно, ниту непосредно, ниту некогаш му паднало на памет да ја уредува политиката на неделникот „Време“. Како човек што јасно стои на земја, Срѓа Поповиќ секогаш зборуваше – барем колку што успевам да проникнам – за самата суштина, секогаш зборуваше за самата идеја, а не за човекот што ја застапува. Единствено така треба, единствено така е исправно.
Овие денови ги исчитувам некои текстови на Срѓа, гледам некои негови слики, некои негови јавни трибини, ги исчитувам повторно луѓето што ги бранеше во тешки времиња, ги запишувам во нотес имињата на оние луѓе кои во тоа време беа поинакви, други – да бидат свои, да бидат поинакви, да зборуваат и прават што им е волја, се додека таквото однесување не повредува други луѓе.
Такви луѓе Срѓа Поповиќ ги бранеше, таквите ги штитеше, за такви луѓе овој човек живееше: за различни, за свои, за луѓе со став. Ако се родам повторно, и ако баш запнам да се родам токму овде, во оваа и ваква Македонија, сигурен сум дека ќе се качам на автобус и ќе тргнам да го барам тој фамозен адвокат што работеше и живееше на некои петстотини километри од мојата куќа, оти луѓето се бараат едни со други според својствата, зарем не?