За Европскиот парламент Македонија останува приоритет

118

Европскиот парламент нема дилеми дека треба да се додели датум за почеток на преговорите и доколку одлуката зависеше само од Парламентот, Македонија одамна ќе ги почнеше преговорите. Ваква порака добил претседателот на Собранието Талат Џафери по средбите со пратеници во Европскиот парламент во Стразбур.

– Европратениците истакнаа дека и во иднина ќе продолжи силната поддршка на Собранието на Македонија, а соработката во форма на Мешовитиот парламентарен комитет и Жан Моне Дијалогот ќе продолжат на редовна основа. Претседателот на Комисијата за надворешна политика, Дејвид Мекалистер, истакна дека за Европскиот парламент, Република Северна Македонија останува приоритет, постои широка поддршка и покрај неправедната одлука од страна на Советот. Направената грешка не може да се коригира, но нема да се дозволи истата да се повтори во иднина, соопшти кабинетот на Џафери.

Од таму информираат дека Џафери е поканет да ја следи и дебатата во Европскиот парламент за резолуцијата за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.

Во резолуцијата поднесена од пратеници од шесте најголеми политички групи во Европскиот парламент се изразува длабоко разочарување поради неуспехот на Европскиот совет да донесе одлука за почеток на преговори за членство со Северна Македонија поради, како што се наведува во текстот, блокадата на Франција, Данска и Холандија. Во резолуцијата меѓу другото, како одговор на блокадата на Европскиот совет, се повикува Европскиот парламент да свика регионален парламентарен дијалог со претседателите на парламентите на земјите од Западен Балкан со цел да се развие стратегија за улогата на парламентите во реформите од европската агенда и постигнување конкретни мерки за исполнување на европските аспирации на граѓаните во регионот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...