Кој сака Европската унија да ја извлече од негативниот вртлог, треба да го направи она што повеќето граѓани го сакаат, смета Стефан Левенштајн од Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, пренесува Дојче веле.
Австрија, која на 1 јули го презема претседателството со Европската унија во следните шест месеци, го одбра геслото „Европа која заштитува“. Со ова се мисли првенствено на заштита на надворешните граници против нелегалната миграција. Тоа гесло е на линија на она што го зборуваше Себастијан Курц во предизборната кампања минатата година и тоа што, како човек на коалицијата на десниот центар, го донесе на местото сојузен канцелар во Виена. Значи, внатрешнополитичкиот избор на темата е потполно логичен. Но, како стојат работите во поглед на надворешната и европската политика?
Себастијан Курц – соперник на Ангела Меркел
Во Германија Курц се доживува како соперник на сојузната канцеларка Ангела Меркел, и покрај тоа или токму поради тоа што и двајцата се дел од христијанско-демократската партиска фамилија. Така беше уште кога тој (и неколку негови колеги од Австриската народна партија) организираше свртување на политиката на Виена на „отворени граници“ кон политиката на „затварање на Балканската рута“, пред нешто повеќе од две години. Тоа што Курц, во моментот кога ескалираше караницата меѓу сестринските партии ЦДУ и ЦСУ, во Линц одржа состанок со баварската покраинска влада, не го оттргна впечатокот дека шефот на австриската влада зазема позиции, или се става во позиција, против својата колешка во Берлин.
Но, ако се посматра повнимателно, можеби тој со тоа ѝ направи услуга. Имено, бриселскиот компромис од петокот привремено ѝ овозможи на Меркел политичко преживување. Ставот на Виена е дел од кулисите пред кои земјите од Југоисточна Европа направија отстапки, на што се приклучија и земјите од Средна и Источна Европа, собрани во Вишеградската група.
Во Европа, како и во Германија, има неколку политичари кои му замераат на Курц поради тоа што настапите на меѓународната сцена ги користи за освојување поени дома, како што тоа го правеше порано како министер за надворешни работи. Но, оваа критика е веќе досадна од повторување и по малку лицемерна. Тоа спаѓа во природата на политиката. Сѐ е секогаш и внатрешна политика.
Конструктивни сигнали
Пресудно е дали севкупното делување е одговорно. А тука, без оглед на тоа каков став може да има некој кон Курц и неговата политика во определени области, мора да се оддаде признае на младиот претседател на христијанско-демократската ОВП, дека тој начелно дава сигнали кои се конструктивни и пријателски кон Европа. Австрискиот премиер не е склон на реториката која сее раздор, која не е либерална или која е националистичка, каква што некои други ја користат во голема мера.
Ако сака Европската Унија да се извлече од негативниот вртлог, како што пред се е Брегзитот, тогаш не е лошо планот да се позиционира како што сакаат повеќето нејзини граѓани (и што на повеќето им недостасува): како „Европа која заштитува“. Но, тоа не смее да остане само празна флоскула.
Подготви: А.Ј.