За дилери, криминалци, рекетари и коруптивни лица ќе нема место во партијата на Али Ахмети, но и ниту на една државна функција како судии, обвинители, пратеници, министри, заменици министри, градоначалници, директори да не може да седнат лица кои претходно не поминале низ ветинг или верификација.
Демократската унија за интеграција на големо го подготвува новиот проект кој би се однесувал на партиските, но и на државните функционери, односно сите кои како што вели пратеникот Артан Груби сакаат да им служат на граѓаните. Груби за Плусинфо вели дека во партијата веќе почнале со новиот проект, а во подготовка е и закон за ветинг за сите кои вршат јавна функција.
Партиските потпретседатели како судии
Ветингот или проверката на членството на ДУИ од кое се регрутираат партиските функционери ќе го вршат потпретседателите Изет Меџити, Теута Арифи, Невзат Бејта и Садула Дураку, и организацискиот секретар Артан Груби.
Идејата е ветингот за сите кои се во јавна служба да го спроведува државна комисија за проверка или ветинг. Нешто налик на Комисијата за лустрација, но новата комисија ќе треба да го проверува потеклото на имотот на функционерите, начинот на кој го стекнале имотот, дали имаат криминално или коруптивно минато.
– Во партијата почнат е процесот преку целосна пререгистрација на членството на ДУИ. До петок очекувам да заврши пререгистрацијата и потоа ќе влеземе во проверка. Таа ќе почне од најниското ниво, од месните заедници. Ќе се проверуваат членовите некој од нив да не е дилер, криминалец, рекетар, за такви ќе нема место во ДУИ. Функционерите на ДУИ, пак, ќе подлежат на двојна проверка или ветинг, една во партијата и една по изборите, државната комисија, кога ќе бидат номинирани за јавна функција. Ова е увертира во новата ДУИ за платформата на дејствување за идните 20 години, чии постулати ќе бидат добро владеење, неселективна правда и економски развој и просперитет – вели Груби.
Партискиот ветинг се очекува да биде спроведен до конгресот на ДУИ, кој најверојатно ќе се одржи до крајот на годинава.
Јасна е идејата на интегративците да го проветрат сопственото членство од сомнителни ликови, но засега нема одговор дали ДУИ ќе смогне сили да спроведе ветинг на актуелни партиски и државни функционери за кои се водат судски постапки. Објаснувањето е дека само судот е надлежен да прогласи некого за криминалец и дека се огрешил од законот. Тука не ги вбројуваат функционерите за кои се водат предистражни или истражни постапки, а предистрага има токму за лидерот Али Ахмети за случајот „Попис“. На суд е и координаторот на пратеничката група Ејуп Алими и сопартиецот Исмет Гури за уништување на изборен материјал во случајот „Титаник 3“.
Кој ќе прави ветинг на јавните функционери?
Дека ДУИ е сериозна во намерата да се спроведе ветинг е и изјавата на Ахмети. Тој останува на барањето за ветинг на пратениците и функционерите кои вршат јавна дејност. Ахмети барал совети за примена на системот за проверка од Меѓународниот републикански институт (ИРИ), со што, како што вели, ќе се спречат нападите кон функционерите и ширењето на лажните вести.
Груби вели дека очекува партиите да ја поддржат иницијативата за ветинг, а од ИРИ и од Националниот демократски институт (НДИ) побарале помош како тој да се спроведе. Нарачано е и истражување на вакви форми на проверка од Парламентарниот институт, а во тек е и подготовка на закон. Идејата е новото законско решение да не се коси или удвојува со веќе постоечки закони, но и да не предизвика менување на повеќе закони кои ги третираат криминалот и корупцијата на функционерите. Доколку предлогот на ДУИ добие пас од релевантните партии тогаш најверојатно ќе се оди на создавње закон со кој ќе се формира комисија за ветинг или проверка за сите функционери во државата.