За децата заборавени во возило следната недела ќе се знае дали ќе им се вратат на родителите

458

Дали двете деца кои пред три недели беа заборавени сами во возило на паркинг во скопско Ново Лисиче, ќе им бидат вратени на родителите или ним ќе им биде одземено родителското право, ќе се знае следната недела.

За овој случај, којшто ја потресе и згрози јавноста во Македонија, социјалните работници, психолози и други стручњаци од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Скопје, сѐ уште не донеле одлука.

Децата, веднаш по отпуштање од Клиниката за детски болести, каде со мајката ја поминале ноќта, беа префрлени на безбедно место.

– Сѐ уште е во тек постапката за овој случај – ни изјавија денеска од Центарот за социјални работи.

Тимот има законски рок од еден месец да реши за овој случај во кој децата може да бидат и одземени од родителите, зависно од причината зошто ги оставиле сами и заклучени во возилото.

Двете деца, братче и сестриче, биле спасени вечерта на 28. август откако биле забележани од децата кои си играле надвор, а кои ги алармирале родителите и соседите дека братчето и сестричето врескаат сами во заклучено возило, по што пристигнала полиција и Брза помош.

Испаничените деца веднаш биле однесени на Клиниката за детски болести каде им била укажана итна здравствена услуга, бидејќи биле и лесно дехидрирани, но без загрозени витални параметри. А таткото, кој, како што пренесоа медиумите, вечерта заминал на прослава на празникот Голема Богородица, го повикувале од бина да се јави по алармот од соседите дека децата бараат помош од возилото.

Од Центарот за социјални работи, чии вработени веднаш излегоа на терен за овој случај, тогаш изјавија дека ќе ги преземат сите мерки за заштита на децата и поведоа  постапка за овој случај.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...