По двајцата странци вчера, нема нови тестирани на коронавирус на Инфективната клиника во Скопје, а сите лица кои се во изолација по доаѓањето во земјата, заедно со жената која заболе од новиот вирус, се здрави и ниту еден не се пожалил дека има симптоми на болеста. Стабилна е и состојбата на пациентката кај која беше потврден вирусот Ковид-19, истакна на денешната прес-конференција во Владата министерот за здравство, Венко Филипче.
Направен е уште еден контролен тест на првата и засега единствена заболена од коронавирус во земјава, кој е негативен, но за истиот да се потврди треба да поминат 24 до 48 часа.
– И тоа ќе го направиме согласно препораките и проценката на нејзината клиничка состојба и за резултатите ќе информираме. Доколку и контролниот тест е негативен, таа повеќе не е инфективна и не може да ја пренесе болеста. Двајцата странци кои вчера се тестираа, а престојувале во скопски хотел, се негативни – додаде Филипче.
Тој нагласи дека лицата кои се во изолација комуницираат секојдневно со епидемиолозите, а на два дена им се прават и визити.
– Чекаме 14 дена да поминат, толку според сегашните информации трае инкубацискиот период, а на 14. ден ќе ги прегледа инфектолог и ќе се реши дали сите да се тестираат повторно на коронавирусот или ќе продолжи здравствениот надзор. Сознанијата засега се дека инкубациониот период е 14 дена – појасни Филипче.