За два месеца, 1.401 повик е примен во Кол центарот на општина Кавадарци, како нова услуга за кавадарчани. Се работи за проблеми поврзани со водовод и канализација, улично осветлување, сообраќајна, комунална и градежна инспекција, хигиена.
Даниел Чолаковски, вработен во Кол центарот, на денешната прес конференција потсети дека овој сервис за граѓаните работи 24/7, а на бесплатниот број 13 300 може да се пријави проблем или да се побара информација од надлежност на локалната самоуправа.
Електронскиот систем пак, за побарани услуги од страна на граѓаните, кој го води Граѓанско информативниот центар, од јуни до денес евидентирал 2.600 барања. Тие се однесуваат за данок на имот и промет, оставинска постапка, увид во детален урбанистички план, легализација на објекти и друго.
Во тој период, како што соопшти Флорина Делова од Граѓанско информативниот центар, 634 лица оствариле средба со градоначалникот во рамките на неговите приемни денови. Сево ова, нагласи таа, го покажува експедитивното работење на општината.
-Општина Кавадарци со голем интензитет работи на проекти преку кои се доближуваме до граѓаните и им го олеснуваме пристапот до општината и достапноста на службите – рече Александар Ѓорѓиев, информатичар во општината.