Режимот на Мадуро и оние кои го поддржуваат ќе бидат одговорни за корупција и репресија на демократијата, изјави државниот секретар на САД Мајк Помпео на крајот од својата тридневна јужноамериканска турнеја.
Тој најави дека „САД ќе ги употребат сите можни економски и политички средства на располагање за да може венецуелскиот претседател Николас Мадуро да одговара за кризата во својата држава и јасно ќе им укаже на Куба и Русија дека ќе платат висока цена бидејќи го поддржуваат“.
Помпео тоа го порача во пограничниот колумбиски град Какута, последната дестинација од тридневната посета на Чиле, Парагвај и Перу.
Мадуро, пак, за економските проблеми на својата земја ги обвинува американските санкции, а опозицискиот лидер Хуан Гуаидо, кој се прогласи за привремен претседател, го нарекува „американска марионета“.
Повеќе од три милиони жители на Венецуела ја напуштија државата која е погодена од огромна инфлација, недостиг на храна и лекови.
ФОТО: EPA / DAVID FERNANDEZ