Премиерот Зоран Заев во интервјуто за МИА од Брисел зборува и за тоа дали се користи или не, македонски јазик во Грција, но вели дека тоа треба да го коментираат тие и оти ние со невнимание би предизвикаме незгодни ситуации.
Имате ли коментар за узбуната што се крена околу користењето или не на зборот „македонски јазик“ кај населението во Северна Грција? Имаше многу бурни реакции, кое е вашето објаснување?
– Договорот е јасен. И ако го следиме духот на пријателството многу лесно ќе се објаснуваме. Прво факт е дека нашиот јазик е македонскиот јазик, тоа е прифатено во договорот. Истовремено е факт дека е од групата словенски јазици. Научен, потврден факт. Исто така е јазик на сите граѓани кои живеат во Северна Македонија и во дијаспората. Но тоа е различно од хеленското културно наследство, со нивните традиции. Тоа е разграничено. И во духот на добрососедството, и градењето на пријателството, треба да имаме разбирање за вакви прашања. Токму тоа и министерот Димитров го објаснува, и на крајот реков – идентитетските прашања се лични, нешто што го носиме во градите, тоа никој не може да го смени.
Проблем ли е да се каже дека се зборува македонски таму?
– Тоа е право на Грција, тоа треба тие да го коментираат. Со наше невнимание би можеле да предизвикаме незгодни ситуации поради тоа што имаме јасен и прецизен договор, што ние политичарите треба да веруваме во него и внимателно да го имплементираме, а после тоа и граѓаните на двете земји, така што оставам тоа Грција да си го коментира, тие си имаат свој начин на поставување на работите, ние ги почитуваме, тие се наш стратешки партнер.