Пратеничката Невенка Стаменковска Стојковски од ВМРО-ДПМНЕ која е заменик член во Комисијата за мандатно-имунитетни прашања беше единствената која се јави за збор на седницата на оваа комисија, откако беше отворен претрес за точката за одземање на мандатот на Никола Груевски.
Иако во јавноста беше протолкувано дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за одземање на неговиот мандат, откако синоќа заседаваше Извршниот комитет на партијата и им порача на пратениците да гласаат согласно Уставот, тоа денеска не се случи. Никој од опозицијата не гласаше „ЗА“, туку напротив според кажаното, денеска тие имаат поинакво толкување.
Пратеничката Стаменковска – Стојковски на седницата посочи дека во нашиот Устав постојат 11 темелни вредности меѓу кои и почитување на основните човекови права, па според тоа, не може да се смета кој било за неоправдано отсутен ако го искористил своето право да бара азил.
– Пратеникот Никола Груевски не е бегалец како што викате вие, тој е лице кое има добиено политички азил од земја членка на ЕУ, во земја каде многу повеќе се почитуваат човековите слободи и права. Дополнотелно Деловникот на Собранието дозволува пријавување на отсуство, но вие не дозволивте тој да се пријавува – рече прстеничката.
Таа потсети и на законските и уставните одредби кога еден пратеник останува без мандат, а тоа е кога сам ќе поднесе оставка и ако е прсвосилно осуден на казна затвор не помала од 5 години.
– До овој момент Груевски не ги исполнува условите – рече Стсменковска Стојковски.
Сепак, и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ не гласаше во Комисијата, мнозинството пратеници членови со 5 гласа „ЗА“ усвоија предлог за одземање на мандатот.
Седницата на оваа комисија за одземање на мандатот на Груевски почна минатата недела, но не заврши поради оставката на пратеникот и претседател на комисијата Павле Богоевски. Денешната одлука на Комисијата како предлог ќе се најде на првата наредна пленарна седница.
За Груевски да остане без мандат потребно е двотретинско мнозинство односно „ЗА“ треба да гласаат 80 пратеници. Пред шест месеци Собранието не успеја да изгласа одземање на мандатот на Груевски на предлог на истата Комисија со образложение дека тој е недостоен да ја извршува пратеничката функција поради изречената двегодишна казна затвор за набавка на луксузниот мерцедес за случајот „Тенк“ на СЈО.
Меѓутоа, преку гласање законски измени за укинување на платата на пратеник кој е правосилно осуден, владејачкото мнозинство успеа да му ја укине платата од околу 1.000 евра.
Пратеникот и поранешен премиер Груевски лани, во месец ноември избега во Унгарија каде доби статус на политички азилант. Македонските власти по Груевски распишаа меѓународна потерница и побараа тој да биде екстрадиран во Македонија. Поранешниот премиер е обвинет во неколку предмети на Специјалното јавно обвинителство, за што Собранието му го одзеде имунитетот, а за дел од нив во отсуство му е одреден и притвор.