Да се пишува за пристојниот збор после настаните од 27 април кога се кршеа глави не значи да се занемари насилството, туку да се оди на самиот извор на тоа насилство. Имено, на македонската политика ѝ недостига пристојност. Од непристојни луѓе, пак, може сешто да се очекува. Зборот на англиски е civility, а значи цивилизирано поведение, такво во кое има учтивост и почит кон другиот. Дел од таа учтивост и почит е и јазикот на комуникација. Барем ние од поранешна Југославија знаеме дека нашите војни почнаа со нецивилизирано поведение кое се манифестираше прво преку зборот. Непристојниот и навредлив збор на политичарите ги потпали фитилите на војната. Затоа, секогаш кога има непристојност во комуникацијата меѓу политичарите треба да се загрижиме.
Денес, истражувањата покажуваат дека 80 проценти од Американците се плашат дека отсуството на пристојност во политиката може да доведе до насилство, додека преку 70 проценти веруваат дека пристојноста се влошила со доаѓањето на Доналд Трамп за претседател на Америка. Од неумерени зборови може да се роди конфликт, па и војна, како што нѐ учи нашето искуство од деведесеттите.
Политичарите се моделот на поведение за населението, за добро или за лошо. Не случајно, рано во развојот на својот парламентаризам, Британците направиле листа на зборови кои се неприфатливи во комуникацијата меѓу пратениците. Така, пратениците не се обраќаат едни кон другите употребувајќи го нивното име. Индиректното обраќање почнува со една задолжителна фраза the right and honorable gentleman, (почитуваниот и чесен господин). Згора на ова забранета е употребата на навредлив јазик. Зборовите „лажго“, „лицемер“ или „предавник“ се забранети. Против правилата на парламентот е и да се нарече некој „пијаница“, а постои и цел список на „непарламентарни зборови“ кои не смеат да се употребуваат во дебатата: магаре, кукавица, хулиган, лицемер, идиот, стаорец, лигав, свиња, слуга, глупак, будала, вагабонд, незначаен, кисел…
Доколку пратеник или министер употреби еден од овие зборови, спикерот е должен да го повика да го повлече кажаното или да ја напушти сесијата. Се разбира, има и комични ситуации. Кога водачот на опозицијата и иден премиер Бенџамин Дизраели ја обвинил владата дека е составена од магариња, бил повикан да ја повлече изјавата. На тоа Дизраели се извинил и рекол: „Господин спикер, ја повлекувам изјавата. Половина од владата не се магариња“.
Непристојноста ја намалува довербата во политичките институции и во политичарите. Изложени на непристојност од страна на политичарите, и самите луѓе се однесуваат на сличен начин. Започнува да се врти еден круг на нецивилизирано поведение во целото општество. Експеримент во кој на две групи им се пуштани клипови од нецивилизирана и цивилизирана политичка комуникација, покажува дека двете групи биле под влијание на она што го виделе: групата која гледала нецивилизирано поведение во одговорите на прашалникот била непристојна, во поголема мера од оние кои гледале клипови со цивилизиран политички дискурс.
Но, што е последица на што: дали општата атмосфера го произведува јазикот или јазикот ја произведува општата политичка атмосфера? Влијанието, очигледно, е взаемно. Блаже Конески има напишано една песна за зборот. Поучна е. „Чувај го зборот добро врзан како необучен коњ што знае да каса, да клоца, да мава. Чувај го зошто ако го пуштиш така разоглавен по чаирите, кој знае која луда глава ќе посака да го јава“.
Извор: Инбокс7