Гоце Делчев е Бугарин по потекло, но нема никакви пречки да го слават како херој и во Македонија, а македонизмот веќе го претрпел својот крах, изјави Ангел Димитров, шефот на бугарскиот дел од македонско-бугарската експертска комисија за историски и образовни прашања, формирана според Договорот за добрососедство и пријателство меѓу двете земји.
– Гоце Делчев е Бугарин, но се борел за слободата на народот што живеел на географската територија Македонија. По сѐ што се случуваше со децении, многу добро знаеме дека нашите разговори нема да бидат лесни. Не можеме да очекуваме брзи, молскавични и исклучително пријатни резултати за некои луѓе. Со колегите од Република Македонија ќе седнеме за да ги разгледаме сите спорни теми од гледна точка на интерпретацијата на нашето заедничко минато, за да откриеме дека тоа не може да биде негирано, и тоа сега кога Република Македонија се стреми кон Европска Унија и кон НАТО. Нештата не се сведуваат на признавање, туку на убедување во една научна дискусија, со професионални аргументи, што треба да биде променето во формирањето на општествената свест во Република Македонија, посебно на младите поколенија – вели Димитров, првиот бугарски амбасадор во Скопје за очекувањата од комисијата.
Во изјавата за БТВ Димитров вели дека Гоце Делчев може да биде херој на двете држави.
– Делчев, кој е Бугарин по потекло, работел за слободата на Бугарите што живееле во некогашната географска територија Македонија, зошто тој загинува на територијата на денешна Грција, која се вика Беломорска Македонија. Тој е херој на сите нас и тоа треба да биде разбрано од нашите колеги во Република Македонија. Тоа е елемент на нашата заедничка историја. Во тоа не треба да има ништо спорно за нашите колеги. Така како што многу Бугари што не се по потекло, не се родени, немаат корени во Република Македонија, учествувале во националноослободителното движење таму. За да влеземе во конкретно формулирање, треба да спроведеме доста разговори со нашите колеги. Се разбира дека ние сакаме да биде јасно кажано дека тој е Бугарин, и тоа не само како Бугарин по наша желба, туку и како Бугарин што има таков идентитет, сам се формирал како Бугарин. Гоце Делчев уште во школските денови го избира за свој идол Васил Левски. Самата организација, која е создадена како бугарски револуционерен комитет, создадена е по урнекот на бугарската револуционерна организација од епохата на преродбата. Ние треба да ги убедиме нашите колеги дека тие не само што не нè разделуваат, туку обратно, тие нè зближуваат и нè претвораат во луѓе што го осознаваат заедничкото, кое може да биде двигател за иднината – е ставот на Ангел Димитров кој додава дека македонската нација е формирана на сила, со политички акт.