Граѓаните бараат отчет што Клинички центар ќе биде тоа кој ќе чини 480 милиони евра, праша пратеничката Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ на седницата за пратенички прашања. Таа побара одговор од заменик министерот за здравство и кога ќе почне изградбата на новиот клинички центар и колку ќе чини.
– Во разговор со граѓаните велат:„Што чудо ќе бише ова, дали ќе е вселенски брод па наместо тие да одат во Клиничкиот центар тој ќе доаѓа во Струга, Штип и од каде и да е“ – рече Затуроска.
Премиерот Зоран Заев одговори дека Клиничкиот центар е важна тема и гигантски проект кој е од голема важност за сите граѓани.
– Сакаме да решиме важен проблем во државата. Физибилити студијата е изработена во 2014 година и според неа, Клиничкиот ќе чини 480 милиони евра. За студијата платени се државни пари, а дел се грант. Цените во здравството се транспарентни и јасни. Допрва ќе почнат постапки за избор на изведувач, надзор… 480 милиони евра е податокот кој излегува од единствениот документ од Физибилити студијата изработен во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Ја повикувам опозицијата да се вклучи заедно да ги тераме сите постапки. Почнало нешто ВМРО-ДПМЕЕ ние го продолжуваме, сакаме да формираме заеднички комисии и уште годинава да почнеме со градба – рече Заев.
Затуроска рече дека не е задоволна од одговорот. Таа рече дека искрено сака да го поздрави напорот на Владата и премиерот Заев но не верува дека имаат сериозна намера, бидејќи во спротивно ќе ги искористеле сите досега завршени фази па Клиничкиот сега можеби ќе бил во завршна фаза. Ако го искористеле сработеното од претходната влада, според Затуроска Клиничкиот ќе чинел 120 милиони евра.