Дванаесетте фудбалери на ФК „Пелистер“ од Битола, кои вчера попладне со здравствени проблеми повраќање и стомачни проблеми биле примени на Инфективното одделение на велешката болница, по укажаната лекарска помош и по опоравувањето, се пуштени дома вчера попладне во добра општа состојба, изјави за МИА Марина Андова, портпарол на ЈЗУ Општа болница.
– По укажаната лекарска помош сите 12 фудбалери, по примената инфузијата и рехидрирани во добра општа состоја се пуштени дома со препорака за контрола да се јават во Клиничката болница во Битола – информира Андова.
Како што информираа дел од медиумите, вчера битолските фудбалери на пропатување низ Велес за Скопје ручале во угостителски објект во Велес и кај нив се јавиле здраствени проблеми како повраќање и стомачни тегоби. Тие веднаш биле однесени и примени на Инфективното одделение во велешката Општа болница, околу 13.30 часот. Таму фудбалерите биле хоспитализрани и ја добиле целата потребна здраствена помош и нега.
Поради хоспитализација на фудбалерите, ФФМ го одложила фудбалскиот натпревар помеѓу екипите на ФК „Пелистер“ и ФК „Шкупи“, што требаше да се игра вчера попладне во Скопје.