Историскиот затвор во градот Фјурстенау во северозападна Германија по повторното отворање работи веќе извесно време, но сега како хотел. Бројни туристи, меѓу кои и штотуку венчани брачни парови, доброволно би минале ноќ зад решетки.
– Креветите во ќелиите се со големина 90 на 200 сантиметри и нудат високо ниво на удобност – истакна Вернер Прис, претседател на Друштвото за археологија и историја на градот, коешто и го обнови некогашниот затвор.
При пријавувањето за престој, посетителите добиваат и комбинезон со црно-бели риги, за искуството да биде што поавтентично. – Не е задолжително, но многумина и ги облекуваат, вели Гунтер Спонхауер, друг претставник на Друштвото.
Затворот во Фјурстенау, близу Хамбург бил изграден 1720 година, но бил затворен подолго време. Во него некогаш биле сместени бројни осуденици, меѓу кои и еден коњокрадец-убиец, кој 1883. бил погубен.
– Шест ќелии се претворени во соби за гости, а останатите две се оставени во својата изворна состојба, како што изгледале порано, како специфична туристчка атракција – појаснува Прис.
Цената за една вечер е 45 евра, но ако се одлучите за подолг престој, тоа ќе чини само 37 евра од ноќ.
Oвa нe e единствен таков пример во светот. Свои хотели затвори имаат и Велика Британија, Шведска, Турција, САД, Австралија, Холандија, Словенија.