Затворските полицајци ќе се изначекаат за пензии, прво пратениците да одморат, па после да ги стават на дневен ред

Според процедурата за промена на законите исправката на текстот на членот од Законот за извршување на санкциите ќе мора да ги помине сите институции и да се најде пред пратениците за да ја изгласаат.

481

Педесет затворски полицајци кои навршиле стаж за пензионирање не можат да се пензионираат, оти во Законот за извршување на санкции е ставен термин кој го нема во Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Тие ги исполнуваат законските услови за пензија, добиле решенија за престанок на работа, ама не можат да станат пензионери оти законодавецот направил грешка во еден член од Законот за извршување на санкциите. Проблемот е откриен во јуни и неговото надминување веќе трет месец се провлекува низ институциите. Од Министерството за правда посочуваат на Управата за извршување на санкциите. До каде е процесот од Управата сѐ уште не соопштуваат. Формирана е работна група која ќе треба да ги подготви измените.

Од синдикатот на УПОЗ во затворот Идризово појаснуваат дека станува збор за ненамерна грешка која се провлекла при подготовка на измените на Законот за санкции. Грешката е во членот 123 став 5 од Законот со кој се регулира прашањето на престанокот на работа по сила на закон.

– Во овој став пишува дека по сила на закон, престанува работниот однос ако затворскиот полицаец навршил 40 години вкупен пензиски стаж на овластено службено лице, без оглед на неговите години на возрас. Токму терминот пензиски стаж на овластено службено лице е проблемот за остварувањето на пензија, бидејќи во Законот за пензиско осигурување ваков термин не постои, туку стои 40 години вкупен пензиски стаж, без оглед на возраста. Поради ова лицата кои добиле решение за престанок на работен однос по сила на закон заради пензионирање изминатите месеци не можат да го остварат правото – велат од синдикатот.

Грешката, велат од синдикатот, е воочена во јуни кога неколку припадници на затворската полиција требало да одат во пензија. Алармирано е и се очекува брзо да заврши процесот на корекција на грешката и овие лица да го исполнат правото на пензија.

– Најверојатно проблем се одморите, па очекуваме многу брзо грешката да се исправи за да може околу 50 лица кои се засегнати од состојбата да одат во пензија – велат од синдикатот.

Плусинфо се обиде да добие одговор до каде е процесот на корекција на споменатата грешка во Министерството за правда кое е надлежно за овој Закон. Оттаму ни рекоа дека предлогот за исправка на грешката треба да произлезе од Управата за извршување на санкциите.

Од Управата информираат дека е формирана работна група за подготовка на измени на Законот за извршување на санкциите, но не откриваат кој е рокот за завршување на текстот на измената.

Според процедурата за промена на законите исправката на текстот на членот од Законот за извршување на санкциите ќе мора да ги помине сите институции и да се најде пред пратениците за да ја изгласаат. Пратениците инаку се на одмор до крајот на месецов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...