„Заслужуваме подобро и во Грција и во Европа“, претставени кандидатите за европратеници на Нова демократија

106
Photo: EPA / ORESTIS PANAGIOTOU

За точно 42 дена, со 42 одлични кандидат, на 26 мај, Нова демократија ќе ја постигне првата голема победа, рече Кирјакос Мицотакис, за време на претставувањето на кандидатите за европратеници од најголемата грчка опозициска партија, јави дописничката на МИА од Атина.

Под слоганот „Заслужуваме подобро и во Грција и во Европа“, вчера беа претставени кандидатите на Нова демократија во пресрет на евроизборите. Речиси половина од нив, 20 од 42 првпат влегуваат во политика, а кандидатите се на различна возраст, со различни професии. Поранешниот претседател на партијата, Евангелос Меимаракис е носител на кандидатската листа, на која се и првиот грчки амбасадор во Скопје, Александрос Маљас, професорот по меѓународно право, Димитрис Керидис, како и тројца новинари, бизнисмени, актер и сл.

Откако беа претставени кандидатите, претседателот на Нова демократија во обраќањето рече дека е време за нов почеток.

– Вечерта на 26 мај, пораката кон сите треба да биде јасна по четири тешки години. По четири години на изгубени можности, по четири години песимизам, по четири години, во кои сè повеќе и повеќе млади се уште и денес ја гледаат иднината далеку од Грција. Конечно дојде време да направиме нов почеток – рече Мицотакис.

Лидерот на Нова демократија истакна дека следните пет години ќе бидат клучни за Европската унија, а тие сакаат силна Грција во силна ЕУ. Додаде дека се отвора пат со нови предизвици, во Европа што се менува и е под закана на силите на популизмот.

– Ќе треба да ги потсетиме нашите европски пријатели дека популизмот не е само привилегија на екстремната десница. Нашата земја беше прва што ги доживеа негативните последици од популизмот на власта. Но, излегуваме позрели од оваа криза. Повредени, но посилни и посигурни во нашиот обид да најдеме посветла и пооптимистичка иднина. А иднината на Грција ќе биде иднина за земја која повторно ја наоѓа нејзината позиција во Европа што се менува – рече претседателот на Нова демократија.

Мицотакис објасни дека во следните пет години „Европа ќе биде повикана да донесе клучни одлуки за развојот, за безбедноста и чувањето на границите, да донесе клучни одлуки во областите каде што денес е потребна повеќе Европа, во справувањето со климатските промени, во справувањето со големите технолошки предизвици“.

– Во сите овие предизвици Нова демократија мора да биде присутна со колку е можно посилна еурогрупа. Со колку е можно поквалитетна еврогрупа – порача Мицотакис.

Photo: EPA / ORESTIS PANAGIOTOU

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...